Friday, March 19, 2021

Јужноиндиско вегетаријанско кари со карфиол

 Јужноиндиско вегетаријанско кари со карфиол 

Лудило од состојки, невообичаено за во наше поднебје, но јас скептикот, штом го видов морав да го пробам. И покрај желбата и скептичноста кога го пробав, пак ќе се повторам - лу - ди - ло! Како не сум по лутото направив една камуфлажа, ставив блага пиперка, иначе не би го вкусила. Пред да го правам, имаше комшиска дојава да се дојди и да се дегустира чудово. Беа фасцинирани, иако предвреме кажав какви состојки има. Кој ќе се осмели да го проба, верувам ќе се изненади.

Лушпите од банана на ваквите јадења даваат некој осет како јадењето да не е веге, ами како со месо да е. Издробете ги само поситно за разлика од мене. Тоа би била мојата забелешка.




Потребно 
(за една порција) 

1 многу мала главица карфиол

1 лушпа од отемната банана

1 лажиче кари

1 лажиче сол

1/2  главица црвен кромид

2 мали чешниња лук

2,5 см корен ѓумбир

1 лута пиперка 

1  лажица пире од домати

1 лажиче коријандер

1 лажиче ким

250 мл кокосово млеко 



Се обарува карфиолот во посолена вода и се остава исцеден на страна.

 Лушпита од банана се попарува со жешка вода во која се додаваат солта и карито и се остава така додека водата потполно не излади. Се вади и се сечка (исечкајте ги поситно отколку ова). 



Кромидот, лукот, ѓумбирот, пиперката и коријандерот испасирајте ги со рачен пасатор. Јас купив нов и не ми збрка работа, па му влегов со толчникот.

Оваа пасирана маса се пржи на маслиново масло додека не почни да се соединува како паста.

Потоа му се додава пирето од домати и се попржива, па се налева кокосовото млеко. 



Откако ќе зоврие кокосовото млеко се додаваат сечканите лушпи од бананата и се вари околу 5 минути.

На крај се додава карфиолот уште 2 минути и е готово.

Во меѓувреме можите да посолите или на сам крај откако ќе пробате. 


* Фотографиите се авторски. Забрането е превземањето на истите без согласност на авоторт. 

No comments:

Post a Comment