Thursday, October 20, 2022

Суви колачи со таан или путер од кикиритки

 Суви колачи со таан или путер од кикиритки 

Овие колачиња беа често правени и хит во една фб група наречени со името Таанки кои мене многу ми се допаднаа баш заради таанот во нивната содржина. Но, таанот и путерот од кикиритки за мене се сродни по состав, па така јас направив една доза со таан и една со путер од кикиритки. Што да ви кажам...прекрасни се! Скоро па доловена структурата на купечките колачи. 

За оние кои сакаат суви колачи и блага нота од овие арматични додатоци <3 


Состојки

100 гр путер

100 гр шеќер во прав

100 гр таан или путер од кикиритки

200 гр брашно

2/3 лажиче пециво

Прстофат сол

1 – 2 лажици сок од лимон или вода

30 – 40 гр чоколадни капки или сечкано чоколадо

 


Подготовка

Путерот и шеќерот ги миксираме.

Кога ќе се спојат го додаваме таанот или путерот од кикиритки и повторно миксираме.

Овде кај мене на сликата се едните со таан, а другите со путер од кикиритки.

Се додава брашното и прашокот за печење, прстофат сол и се меси. На крај се додава сокот од лимонот или вода или мешано.

Треба да се добие ронливо тесто кое кога ќе се стисни во дланката треба да ја задржи формата, да не се растресува. 

Значи, не додавајте отповеќе вода ако нема потреба, оти нема да ви се ровки колачите, а верувајте ми на јадење изгледаат купечки, иако изгледот е рустичен. 



Чоколадните капки можи да ги додадете во тестото, откако ќе ги формирате одозгора или и така и така.

Тестото се завиткува во најлон фолија и се остава половина час во фрижидер.

Потоа се оформуваат мали топчиња кои нежно се сплескуваат, се радат во плех со хартија на растојание и се печат на 180С 12на до 15 мин. Зависно од рерната. 



Извадени од рерна се се уште меки, но штом оладат, се стрврднуваат. 

Дозата е мала, па не верувам дека ќе останат, но сепак складирајте ги во затворена кутија за колачи. Како суви колачи можат да траат најмалку една седмица и повеќе. 



*Една доза е = за еден плех од шпоретот. 

 




©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 


Колач Медено срце

 Колач Медено срце 

Се сметам дека не сум љубител на кексови без јајце во тестото, но овој е еден од тие посни колачи кои многу пријатно ме изненадиле на вкус, па дури и ме направиле да посегнувам повеќе пати и да се сладам во неговата вкусотија, што посленава деценија не е веќе тоа во мои потреби и најчесто од се благо што ќе спремам каснувам едно парче, додека е топло, тазе, ретко или со усила следниот ден би каснала некој залак...евентуално:) Е, ова, ете, на мое изненадување, беше еден од исклулоците :) 


Состојки

300 гр брашно

2 лажици какао

1 ќесе пециво

1 лажиче цимет

1 рамно лажиче каранфилче

300 мл вода

100 мл масло

150 гр шеќер

2 лажици мед

5 лажици мармалад

За премачкување

5 лажици мармалад

Глазура

100 гр чоколадо

50 гр маргарин

3-4 лажици масло



 

Подготовка

Колачево е старински рецепт кој се спрема многи брзо и едноставно, без миксер, со мешање се во еден сад.

Најпрво се мешаат водата и маслото во кои се додаваат шеќерот, медот и мармаладот.

Откако убаво ќе ги измешате да се растворат, ги додавате пецивото, каранфилчето и циметот, па потоа какаото и брашното. Нив убаво е да ги додадете преку сито, иако ништо не е страшно и без него.

Кога се ќе се измеша во глатка смеса, половина од неа се истура во намрсена тава и се печи 10на минути во загреана рерна на 170С.

Потоа се вади и се премачкува со мармалад. 



Убаво е да користите некој кисел мармалад, најчесто се употребува од кајсија, а кај мене се згоди еден домашен од дуњи, јаболка и сливи кој одлично се вклопи во колачот.

Врз мармаладот се распоредува останатата смеса од тестото убаво, насекаде врз мармаладот и се враќа во рерна да се допечи околу 20на минути.

Печениот колач го премачкуваме со глазурата која во овој случај најлесно е да ја стопите во веќе загреаната рерна. 




©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 

Monday, October 3, 2022

Брза дробена салата во тегли

 Брза дробена салата во тегли 

Со спремањето на оваа салата најмногу време ќе изгубите во миењето и сечкањето на зеленчукот отколку со останатиот дел во спремањето.

Освен што ме привлече леснотијата за спремање и изборот на колку тегли отприлика ќе сакам да полнам, ме изненади и додавањето на зрел домат во зимница што кај нас не е обичај, па решив дека и така мора да се проба. Како испадна точно зајре за да се наполнат теглите, во прва прилика кога ќе ја отвориме да ја пробаме ќе се навратам да го напишам впечатоците. Секако, доколку пак некој направи по рецептот, ќе ми е драго да ми напиши коментар и импресии. 



Состојки

2 пиперки ками

2-3 моркови

2 домати

6 -8 корнишони

7-8 чешниња лук

За една тегла

1 лажица сечкан магдонос

5-6 зрна бибер

1 рамна лажица шеќер

1 неполна лажица крупна сол

3-4 лажици масло

3 лажици прехрамбена киселина

Зовриена вода 



Подготовка

Исечкајте го зеленчукот на ситни парчиња.

За овие состојки ќе ви требаат 3 големи тегли.

Редете по тенок ред од секој зеленчук, почнувајќи од лукот. 

Јас во една додадов и сечкан млад кромид плус од наведените состојки, па ќе видиме за една седмица како ќе се вклопи кога ќе ја пробаме.



Кога ќе ги наполните теглите, најгоре додадете го магдоносот и биберот.

Потоа додадете ги шеќерот, солта, киселината и маслото.

На крај турајте зовриена вода постепено во теглата додека не се наполни до горе.

Штом е полна, веднаш затвотете ја со капачето и превртете ја однопаку.

Така нека седат додека комплетно не оладат. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 

Мешана салата - зимница

Мешана салата - зимница  

Време е за зимници. Оваа салата толку лесно се прави, што само е потребно време и малку сечкање и никаков друг напор, а е толку вкусна. 

Можи да си изберите каков сакате зеленчук, а јас скоро секогаш гледам да е со колку можи повеќе видови. Овој пат се осмелив наместо класична зелка да ставам црвена, иако стравував од можноста таа да ми го обои другиот зеленчук преку солилото, особено карфиолот, но тоа не се случи. 



Состојки 

10 кг зеленчук – карфиол, брокула, морков, зелка, црвени пиперки ками, корнишони, зелени домати, магдонос, керебис 



Солило

300 гр крупна сол

400 – 500 гр шеќер

1 литар прехрамбена киселина

1 ќесиче винобран 



Подготовка  

Исечкајте го зеленчукот на парчиња, брокулата и карфиолот искинете ги на цветови, магдоносот и керебисот исечкајте ги.

Се измешајте во голема шерпа .




 Потоа додадете ги состојките за солило и повторно убаво измешајте.

Оставате го 12 часа така да седи пред да го соберите во тегли со повремено мешање.

Пред да соберите во теглите, пробајте го за вкус и ако има потреба дотерајте по ваша желба. 



 Во секоја тегла откако ќе го наредите зеленчукот со набивање, ставете неколку зрна црн бибер и дотурете до навојот од солилото, па затворете.





©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 


Доматна салца

 Доматна салца 

 Рецептот од стариот тефтер насловен како Кечап, не сум го правела долго време, но се сеќавам колкава интересна атракција ни беше во тогаш. Оригиналот е до состојките кај е пишан црн бибер, а другото се мои додатоци кои се должат на поголемата палета на зачини денес и искуството кое се стекнало со тек на времето. Овој пат кечапот, кој решив овде да го насловам со името Салца, сметајќи дека ќе е поприлагоден назив, испадна во мноооогу подобрена и повкусна верзија од тој кој буди вкусни и драги спомени од едно минато времеВерувајте, откако ја направив едно тегличе отиде само со сркање и макање со леб. 

Идеална е како додаток со јадења со месо, како додатов во готвени јадења, како сос, како додаток за пици, ма скоро за се кај трпи домат е перфектна! 


Состојки

5 кг домати

2 кг  црвени пиперки ками

2 главици лук

250 мл масло

3 ловоров лисја

3-4 лажици  сенф

1 пакетче црн бибер

1 рамна лажица шеќер

1 лажица мешан зачин

1 лажица сув босилек

1 рамно лажиче оригано

1 рамно лажиче мајоран

½ лажиче пимент

1 лажица коријандер во зрно

Сол по вкус 

 



Подготовка

Доматите и пиперките се обаруваат, па се лупат. Јас пиперките ги обарив излупив тоа што можеше да се лупи, а другото со блендерот измелив, не даде лушпа никаде да се појави. 



Доматите, пиперките и лукот измелете ги и ставете ги во тенџере да варат.

Откако ќе испари водата му се додава маслото и ловоровиот лист. 



Кога скоро ќе се преполови содржината во тенџерето ги додаваме зачините и сенфот и дотеруваме на сол по вкус. Кај мене чинам отприлика додадов околу едно лажиче, но секој со вкусовите и желбите, а зачините малку порано од предложеното, само сенфот на крај. Бибер додадов и во зрно, но мелен ви препорачувам. 



Врелата салца се бери во чисти тегли додека е жешка кои веднаш се затвораат. 



Се чува во ладно и темно место. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 

Суфле од ориз и тиквички

Суфле од ориз и тиквички 

Еве еден многу вкусен предлог за ручек, вечера, или мезенце кој се спрема многу лесно, а дегустаториумот ќе ви биди воодушевен 


Состојки 

150 гр ориз

400 мл млеко

100 мл неутрална павлака за готвење

2 тиквички

1 морков

150 гр сирење

5 јајца

Снопче власец

Магдонос

Сол, бибер, куркума, вегета, оригано, лук во прав или 2 чешниња

 


Подготовка:

Се вари оризот со малку сол во млекото и павлаката со често мешање пред крајот 15 минути, па се остава да излади.

 Потоа се додава ситно сечкан магдонос, власец, издренданото сирење, лукот, зачините и јајцата. 

 Тиквичките и морковот се рендаат и се додаваат во смесата, при што тиквичките ако се водени се цедат со раце или во газа. 



 Се убаво се меша и се истура во намрсена тава за печење.

Одозгора се попрскува со маслиново масло и се печи во загреана рерна на 180С околу 45 минути. 

 







©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт.