Wednesday, April 7, 2021

Торта Капрезе

 Торта Капрезе 

Во далечната 1920 година на италијанскиот остров Капри на готвачот Кармин Ди Фјоре му било наредено да спреми торта за тројца американци. Кога чул дека во прашање се мафијаши на Ал Капоне, готвачот толку испаничил што заборавил да стави брашно во тортата. Тоа, секако, не смеел да го кажи и ја послужил таква каква што била. Мафијашите се воодушевиле од вкусот. Така, оваа торта со грешка стана една од најпознатите торти во Италија. 


Потребно 

5 јајца

200 гр шеќер

200 гр путер

200 гр чоколадо со висок процент на какао

250 гр бадеми

1 ванилин шеќер

½ филџан рум

Прст сол


Подготовка 

Бадемите потпечете ги и сомелете ги крупно.

Чоколадото и путерот стопете ги. Мешајте повремено додека се ладат да не се направи кора.

Оддвојте ги белките и жолчките.

Белките изматете ги цврсто со прстофат сол.

Жолчките со шеќерот и ванилата се матат додека згуснат.

Се додаваат стопените путер и чоколадо и се мати со намалена брзина додека убаво и цврсто се соединат.

Се додава на крај и румот да се соедини.

Бадемите ги додаваме рачно. Мешаме со шпатула.

На крај полека и постепено го додаваме снегот од белки, мешајќи едносмерно за да се задржи воздухот.



Намастете калап на откопчување 24 со путер насекаде, а на дното ставете и пек хартија. Истурете ја смесата за торта во него и печете ја на 170С 40 минути. Имајте во предвид дека оваа торта во средината останува влажна. Тестот со чечкалица овде можи да го замените со благо притискање на кората и осет на раката дали е печена тортата. Всушност, на оваа температура и време е доволно да се печи тортата. Доколку сметате дека рерната ви се послаба, продолжете уште 5-10 мин. Печење и/или завршете со тоа што ќе ја оставите некое време во исклучена рерна.



Печената торта откако ќе излади наросете ја со шеќер во прав.

Оваа торта не трпи друга декорација, шеќерот во прав комплетно ја надополнува нејзината фантастична арома. 


Предлагам, ако сакате румот да го замените со некој ликер или да го разредите со вода ако не сакате да имате во почетокот негов јак интензитет. 

Јачината на тортата се осеќа и од чоколадото со висок процент и одлична е кога сето тоа ќе се надополни со ситно крцкавите бадеми. 

Мене другиот ден супер ми одеше во комбинација со инстант ванила пудинг ммм...




 ©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.



Мека солена кростата

 Мека солена кростата 

Неделава „патуваме“ во Италија 

По правило, кростата се прави од ронливо тесто, како францускиот тарт, но, кога ќе ја замешаме „црногорската“, тогаш кростатата ќе е мека, побрза и полесна за спремање :) 


Потребно 

За тесто 

3 јајца

100 мл млеко

100 мл масло

180 гр брашно

1 пециво

1 рамно лажиче сол

 За фил 

250 гр крем сирење

1 домат или неколку шери доматчиња

3-4 парчиња моцарела

Мал грст валеријана или босилек

½ лажиче италијански зачин 




Подготовка 

Изматете ги густо јајцата. Намалете ја брзината на миксерот и постепено додавајте ги течните состојки, па пецивото и брашното измешано со солта.

Намастете калап за кростата и набрашнете го, па истурете ја смесата во него.

Печете 20-30 мин на 160 С.

Извадете ја печената кростата од калапот на решетка кога малку ќе подолади и оставете ја да излади убаво.

Потоа премачкајте ја со крем сирењето и врз него наредете доматчиња, листови валеријана или босилек, моцарела и по некое маслинче. Поросете одозгора со италијански зачин и малку сол врз доматите. 




* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Каноли Сицилијани (Cannoli Siciliani)

 

Каноли Сицилијани (Cannoli Siciliani)

Деновиве „патуваме“ во Италија. Овој пат, на Сицилија. Ќе се послужиме со нивниот популарен десерт Сицилијански Каноли, со крцкава кора со мирис на цимет и мека полнетица од нивната прочуена рикота со вкус на портокал и по некое чоколадно зрно. Финишот го прават мелениот `фстак и канираното овошје. Кај мене се цреши, но кандиран портокал би било она вистинското. 



Потребно 

За тесто

250 гр брашно

15 гр шеќер

½ лажиче цимет

¼  лажиче сол

30 гр путер

1 големо јајце

75 мл марсала вино



За фил

700 гр рикота

9 лажици шеќер во прав

6 лажици густа слатка павлака

Рендана кора од 1 портокал

2 портокал шеќер 



Подготовка 

Од состојките за тесто најпрво се мешаат сувите, па потоа во нив се трие путерот, па се додава јајцето и на крај виното.

Кај нас нема марсала вино, па замена би било некое миризливо сортно вино. Како јас немав такво во мометнот, решив да измешам 60/40 бурбон/вода за милилитражата која беше потребна во рецептот и испадна одлично!

Тестото расплескајте го и ставете го во најлонска фолија да отстои еден час во фрижидер.

Потоа расукајте го тенко на набрашнета површина и со голем кружен калап сечете кругови.

Секој круг со сукало развлечете го малку овално и на долгата страна поставете лимен цилиндричен калап. Краевите треба да се соединат преку калапот, а за тоа да е совршено, се прави така што едниот крај се мачка со малку белка на местото каде ќе преклопува другиот крај. Потоа само нежно со раката изролајте го калапчето на масата за убаво да се соедини. Внимавајте да не мачкате отповеќе со белката, бидејќи ќе имате потешкотија да го истргате калапот од канолата. 



Вака спременото тесто се пржи во загреано длабоко масло кратко време (се познава одма од око) и се одложива врз хартиена салфета. Совет: пржете ги прво од превитканата страна за да не се криват многу.

Кога ќе подизладат малку калапите се тргаат.

Пржените каноли можи да ги филовате веднаш откако ќе изладат или да ги чувате во добро затворена кутија до филовање.

Всушност, добар совет е да ги филовате непосредно пред служење, па така, ако мислите дека нема да се изедат сите тој ден, оставете нефиловани до следната прилика. 



Филот е основа од рикота сирење. Доколку не можите да најдите рикота, употребете несолена изварка/урда.

Сирењето мора да отстои ем половина час на цедилка во фрижидер да излези вишокот течност или едноставно да го ставите во газа и да го истегате. Моето, беше толку убаво суво што немаше потреба од тоа (а тоа е многу ретко).

Потоа се додаваат останатите состојки за фил и се миксираат до убав густ крем.

Кремот се става во шприц со широк отвор и од двете страни се полнат канолите.

На крај, украсете ги со мелени `фстаци и канирано овошје. 



* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.