Monday, April 18, 2022

Грчки козињак – Τσουρεκι

 Грчки козињак – Τσουρεκι 

Ние не сме мераклии по благите теста, па затоа и до сега никогаш не сум пројавила интерес да направам козињак... се до сега кога случајно го добив овој рецепт од мојата група по грчки јазик и поттикната од зачините, се решив. Многу успешно, миризливо, вкусно и не баш како оние козињаци кои ме одбивале до сега... или можеби така мислам дека овој јас сама си го направив, хммм... 

#велигден #стопвојна #мирвосветот


Состојки 

За стартер 

150 мл млака вода

1 свеж квасец

1 лажица шеќер

100 гр брашно

Тесто 

700 гр брашно

250 гр шеќер

150 мл вода

2 јајца

2 гр мастика (кристали) {4-5 зрна}

1 лажица махлеп {1 пакетче}

½ лажица кардамом {1 пакетче}

Кора од 1 портокал {1 портокал шеќер}

1 ванила во прав (1 капсула)

 ½ лажиче сол

130 гр стопен и оладен путер

За одозгора 

1 мало јајце

Сусам, листови бадем

Шербет: 4 лажици шеќер + 1 лажица вода

 


Подготовка 

Најпрво го спремаме стартерот, така што сите состојки ги ставаме заедно и ги мешаме до изедначување со помош на жица.

Покриваме и оставаме околу 30-45 минути на топло да се активира.

Потоа во водата го додаваме шеќерот и загреваме додека се стопи, па оставаме да се излади до млако.

Во меѓувреме изрендајте кора од портокал (јас користев портокал шеќер наместо неа) и издробете ја во прав мастиката.

Друг начин е да ги ставите сите зачини заедно (освен кората од портокал) со шеќерот во мелница и да ги измелите до прав. Ако тоа решите да го направите, тогаш следниот чекор со водата нема да ви треба.

Во длабок сад за месење ставаме мал дел од брашното, па ги додаваме претходно разбиените јајца, стартерот и зачините и мешаме.

Потоа ја додаваме солта и постепено остатокот од брашно додека не оформиме тесто. (Во зависност од големината на јајцата и самата влажност на брашното да ви треба можеби околу 100на гр плус, само не претерувајте.) 



Откако ќе го измесиме тестото, на крај додаваме постепено по малку од стопениот путер кој ни е оладен на собна температура и месиме при секое додавање тестото да го впие. Додавајте го на повеќе пати за месењето да трае подолго.

Готовото тесто ставете го во садот и покријте го убаво да стои на топло час и половина, додека се дуплира.

Дуплираното тесто благо со рацете го оформуваме без многу да го притискаме и го делиме на 6 дела.

Секој се сучи во ваљак и од три такви ваљаци правиме плетенка.

Доколку сакате да додадете мармалад или крем, или било какви додатоци во тестото (кај мене е линолада), секој ваљак поминете го со сукало, ставете од материјалите по желба и затворете го.

Плетените теста ставете ги во тава за печење пртходно обложена со хартија или во засебни помали калапи, покријте ги и и оставете ги повторно да нарастат.

Премачкајте го со разматено јајце и поросете го со сусам или листови бадем.

Ставете го козињакот да се печи во загреана рерна на 200С и веднаш намалете ја на 160-170С.

Откако ќе зарумени одозгора покријте со фолија и оставете го да се печи еден час. Јас печев на 160С час и пол и плус го оставив во исклучена рерна уште малку. 



10на минути пред да го извадите козињакот премачкајте го со шербетот од вода и шеќер. Доколку не ставите ништо одозгора стопете го шербетот со варење и долго мешање во густ сируп, а доколку сакате шеќерен ефект, како кај мене на сечениот козињак на сликата, тогаш само мешајте ја содржината ладна. Ова ќе му дојди како некоја замена за гранулите шеќер што се ставаат на козињаците. (Овој чекор можи и да го прескокните). 



Испечениот козињак по овој рецепт е многу мек, но доколку сакате да е уште помек во кората, тогаш кога ќе го извадите од рерна веднаш премачкајте го со путер или маргарин.

15на минути извадете го од садот за печење и ставете го на решетка да излади.  






©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт.


2 comments:

  1. Odlicno,na zdravje

    ReplyDelete
  2. Прекрасен козињак ама и поубаво објаснета постапка,секоја ви чес

    ReplyDelete