Wednesday, March 29, 2023

Тробојна проја

 Тробојна проја 

Многу луѓе обожаваат проја, па оваа во три слоја сигурно ќе им е фаворит. Ние не сме во тие луѓе, едноствано не сме учени на вкусот на пченкарното брашно, па полека, ненаметливо го упикувам повремено во нашето мени. Количината е солидна, па во овој случај за нас беа краевите, а се останато за носење, т.е. раздавање по луѓе. Ја направив со изварка наместо со сирење и едонствено тоа би го поправила во вкусот (ставете сирење, секако), па замислете колку бев пријатно изненадена кога скоро сите кои ја пробаа, покасно ми јавија дека многу им се допаднала (значи, не ја носев само неа, имаше и други работи...колку за споредба). 

Преубава за око, вкусна и исто така важно, иако има јајца, не ви треба миксер, ами доволна е само една маталка и работите одат многу брзо за да се спреми тестото. Битно е само вие пред време да си ги исечкате паризерот и корнишоните на мали коцкички и спанаќот се разбира, сецнете го или искинете го на поситно. 



Состојки 

Чаша = 200 мл

5 јајца

3 чаши газирана вода

2 чаши масло

3 чаши пченично брашно

3 чаши пченкарно брашно

1 ќесиче прашок за печење

1 лажица сол

200 гр сирење

Уште:

150-200 гр паризер

2 поголеми корнишони

300 гр спанаќ

3 лажици ајвар  





Подготовка: 

Најпрво ја вклучуваме рерната на 180С да се загрее.

Ги разматуваме јајцата со маталката како за кајгана.

Ги додаваме прво течните, па потоа сувите состојки и мешаме.

На крај го додаваме и дробено сирењето и уште еднаш мешаме.

Смесата ја делиме на 3 еднакви дела. Во првиот го додаваме сечкан спанаќот, во вториот саламата и корнишоните исечкани на ситни коцкички и во третиот ајварот.

Првиот дел го истураме во тава 25х35 обложена со пек-хартија или намрсена и печиме некои 5 минути, само колку горниот слој да потфати коричка за да можи следниот слој да се премачка врз него, а да не се измешаат.

Потоа внимателно го премачкуваме вториот дел и на ист начин и третиот, па печиме уште 30-40 минути во зависност од силата на рерната. 



Готовата проја ја оставаме малку да излади, па ја вадиме од тавата и ја ставаме на решетка за комплетно да се олади.

Се сечи на посакуваните парчиња кои освен што се вкусни, се и прекрасно шарени од слоевите. 


Вториот и третиот ден е уште повкусна отколку на денот кога ќе се испечи. 




* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт. 

No comments:

Post a Comment