Wednesday, March 29, 2023

Тробојна проја

 Тробојна проја 

Многу луѓе обожаваат проја, па оваа во три слоја сигурно ќе им е фаворит. Ние не сме во тие луѓе, едноствано не сме учени на вкусот на пченкарното брашно, па полека, ненаметливо го упикувам повремено во нашето мени. Количината е солидна, па во овој случај за нас беа краевите, а се останато за носење, т.е. раздавање по луѓе. Ја направив со изварка наместо со сирење и едонствено тоа би го поправила во вкусот (ставете сирење, секако), па замислете колку бев пријатно изненадена кога скоро сите кои ја пробаа, покасно ми јавија дека многу им се допаднала (значи, не ја носев само неа, имаше и други работи...колку за споредба). 

Преубава за око, вкусна и исто така важно, иако има јајца, не ви треба миксер, ами доволна е само една маталка и работите одат многу брзо за да се спреми тестото. Битно е само вие пред време да си ги исечкате паризерот и корнишоните на мали коцкички и спанаќот се разбира, сецнете го или искинете го на поситно. 



Состојки 

Чаша = 200 мл

5 јајца

3 чаши газирана вода

2 чаши масло

3 чаши пченично брашно

3 чаши пченкарно брашно

1 ќесиче прашок за печење

1 лажица сол

200 гр сирење

Уште:

150-200 гр паризер

2 поголеми корнишони

300 гр спанаќ

3 лажици ајвар  





Подготовка: 

Најпрво ја вклучуваме рерната на 180С да се загрее.

Ги разматуваме јајцата со маталката како за кајгана.

Ги додаваме прво течните, па потоа сувите состојки и мешаме.

На крај го додаваме и дробено сирењето и уште еднаш мешаме.

Смесата ја делиме на 3 еднакви дела. Во првиот го додаваме сечкан спанаќот, во вториот саламата и корнишоните исечкани на ситни коцкички и во третиот ајварот.

Првиот дел го истураме во тава 25х35 обложена со пек-хартија или намрсена и печиме некои 5 минути, само колку горниот слој да потфати коричка за да можи следниот слој да се премачка врз него, а да не се измешаат.

Потоа внимателно го премачкуваме вториот дел и на ист начин и третиот, па печиме уште 30-40 минути во зависност од силата на рерната. 



Готовата проја ја оставаме малку да излади, па ја вадиме од тавата и ја ставаме на решетка за комплетно да се олади.

Се сечи на посакуваните парчиња кои освен што се вкусни, се и прекрасно шарени од слоевите. 


Вториот и третиот ден е уште повкусна отколку на денот кога ќе се испечи. 




* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт. 

Saturday, March 4, 2023

Пивски леб

 Пивски  леб 

Лебот има интересен вкус, кој кога ќе се касни едно залаче колку и да не ви е до јадење, ќе посакате уште. Со тоа се сложија и најпребирливите кои го пробаа. Пивото му дава особена сласт додека го јадите, што сигурна сум дека ќе го имате во вашиот бележник за често да го спремате. 

Има само една маана, а тоа е што лебот не е голем, па или дуплирајте ги состојките, или спремете се за скоро повторно да го правите :) 



Состојки 

250 мл пиво 
1,5 лажица масло 
2 лажички сув квасец 
1 лажиче сол 
400 гр брашно 




Подготовка 

Во садот за месење ставете го пивото, па додадете го квасецот, солта, шеќерот и маслото. Потоа постепено додавајте брашно и замесете тесто. Овде можи да го искористите и миксерот со додатоците за тесто. Оставете да се дуплира, па префрлете го во долгунест калап обложен со пек-хартија.
Печете на 180 степени околу 20 мин. (провизорно).
Испечениот леб премачкајте го со вода со помош на четче и покријте го околу 5 мин. Потоа извадете го од калапот и завиткајте го во платнена пацета да подолади. 



©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт.


Sunday, February 19, 2023

Ролат со јаболка

 Ролат со јаболка 

Како да ви го претставам ролатот и неговата вкусотија и мекост? Иако фотографиите се правени ноќно време, сепак, се надевам дека и тие ќе ви го доловат вкусот на ролат и печени јаболка. Меко, вкусно, само се јади :) 

А што е најинтересно не се замарате воопшто со филовање. Овде оди се во едно. Единствен напор ќе ви е само сечкањето и матењето. За среќа, јас ја користев алатката за сечкање на Делимано, па тој дел одеше многу полесно. 



Состојки:

За тесто:

4 големи јајца

120 гр шеќер

1 ванилин шеќер

4 лажици ладна вода

1 прашок за печење

120 гр брашно

Уште:

4 големи јаболка

Сок од половина лимон или еден мал

1-2 ќесички цимет 



 

Подготовка: 

Излупете ги јаболката, пресечете ги на половина или четвртинки и потоа исечкајте ги на тенки ливчиња од околу 2 мм.

Измешајте ги во сокот од лимон за да не отемнат и тргнете ги на страна додека го работите тестото.

Изматете ги најпрво белките со малку сол во цврст снег и оставете ги на страна. Местото каде што ќе стојат се препорачува да не е многу топло. 




Во друг сад за матење изматете ги жолчките со шеќерот до згуснување и побелување. Во меѓувреме можите да го додадете и ванила шеќерот.

Сега додадете ја водата, лажица по лажица, при што за секоја ќе матите по околу 1 минута.

На крај додадете го просеано брашното и прашокот за печење. Соединете со најмала брзина на миксерот.

Сега, со шпатула и внимателно кружно мешање од горе на долу вмешајте ги белките со додавање во неколку наврати.

Обложете го со пек-хартија плехот од шпоретот.

Врз него наредете ги скалесто парчињата јаболка, само малку да се преклопуваат. Поросете ги со цимет по ваш вкус.

Врз јаболката истурете ја смесата и израмнете насекаде. 

Печете во загреана рерна на 180С, 15-20 минути. 



Печената кора покријте ја со пацета и оставете ја 10на минути. Потоа извадете ја од плехот превртена врз пацетата или ако сакате друга пек-хартија и внимателно завиткајте ја во ролат.

Оставете барем еден час на ладно да се стегни пред да уживате во вкусните парчиња. 


По желба можите да го поросите ролатот со шеќер во прав. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт.