Sunday, August 29, 2021

Јајла чорба (Yayla Çorbası)

 Јајла чорба (Yayla Çorbası)

Ние дома не сме баш многу по чорбите, а оваа комплетно не плени. 

Новитет за нашата кујна кој од радозналост решив да го пробам, а ќе остани во менито особено во ладните зимски денови. 

Инаку, спрема името приметувате дека ни доаѓа од турската кујна, а ние македонците ги обожаваме повеќето нивни специјалитети. 

Па, ако ве има радозлани како мене пробајте ја и верувам дека пријатно ќе се изненадите и вие. 

Дозата е секако онаа, најмалата која можи да се избери, отприлика за 3 лица +/- 1. 



Состојки

1,200 литри вода

1/3 чаша ориз

1 полна чаша цврст јогурт 

1 рамна лажица брашно

1 жолчка

1 лажиче сол

 

Заливка

1 лажица путер

1 лажица суво нане

 


Подготовка

Во тенџере ставете литар вода да зоврие па додадете го оризот да се свари.

Во сад на страна измешајте ги јогуртот, жолчката и брашното. Солта можи да ја додадете сега или на крајот.

Сето ова убаво измешајте го со жица да се соедини во крем смеса. 



Откако ќе се свари оризот во тенџерето додадете ја и останатата вода, па со кутлача две црпења ставете од врелата вода во мешавината со јогурт и енергично измешајте со жица. Потоа истурете ја смесата во тенџерето мешајќи.

Намалете ја силата на ринглата и оставете да вари уште некои 5 минути. 



Путерот ставете го во тенџерче за сос на рингла да се стопи, па додадете го нането и пржете го една минута да пушти од неговата арома. Потоа додадете го во тенџерето со чорбата. По една минута исклучете ја ринглата. Чорбата е готова. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Saturday, August 28, 2021

Салата од црн грав и киноа

 Салата од црн грав и киноа 

Салатава е одлична и како оброк и како мезе. Киноа и грав имав и конзервирани, така да не морав да варам, но решив дека не е страшно малку да се почека и да се свари зарзаватот додека во меѓувреме се бркаат некои други работи. Плус, со еден дел од црниот грав решив да пробам и хумус, па рецептчето ќе следи наскоро и за него. 



Состојки

150 гр црн грав

1 филџанче за турско кафе киноа

½ главица црвен кромид

25см праз

2 помали моркови

Половина киска магдонос


 

Прелив

1,5 ракиено чаше маслиново масло

1 ракиено чаше соја сос

½ ракиено чаше сок од лимон

1 лажица доматна паста

½ лажиче сол

 


Подготовка

Сварете ги засебно гравот и киноата и потоа исцедете ги.

Сварете ги и морковите исто така.

Потоа исечкајте ги заедно со останатиот зеленчук.

Измешајте се заедно.

Во посебен сад измешајте ги сите состојки за преливот и потоа измешајте го во салатата.

За љубителите на лутиот вкус, доматната паста можи да ја изберат со чили пиперче. 




©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Tuesday, August 17, 2021

Хумус од фава

  Хумус од фава 

* Фава или на македонски можи да се сретни под името Бакла (Vicia faba) е едногодишно растение од фамилијата бобови (Fabaceae), со крупно семе кое се користи во исхраната како и гравот. Позната е и како фава грав. Зрното можи да е жолто или зелено. Оваа кај нас која можи да се набави во колонијал е со жолто ситно зрно. 

Уште првиот пат кога ја вкусив за мене стана омилена мешунка, исто како леќата. А и на неа ме потсетува во вкусот. Така, овој хумус од фава беше прашање на време кога ќе се случи на менито :) И секако, си се здоби и со комплименти од оние кои имаа прилика да го вкусат ;) 


Состојки

1 чаша (180мл) фава

½ главица кромид

3 чешниња лук

Сок од ½ лимон

2 лажици таан

½ чаша вода од фавата

Сол по вкус

Маслиново масло, Кумин и чаден црвен пипер 

додаток - 180 гр кисела павлака 

 


Подготовка

Фавата можи да ја сварите на два начини.

Едниот е да ја оставите преку ноќ да искисно во вода, а другиот е, откако убаво ќе ја измиете да оставите да зоврие прво со малку вода (прст, два над зрната), да исплакните и потоа со нормална количина вода да ја сварите.

Исцедете ја, но водата зачувајте ја за додавање при подготовката на хумусот. 

Исцедената фава ставете ја во подлабок сад и во неа додајте го кромидот сечкан, лукот, таанотсокот од лимон и малку од водата за почеток. 



Откако ќе ги изблендирате во еднолична каша, додајте сол по вкус и за густина по желба ако има потреба уште од водата во која се варела фавата. 



Готовиот хумус ставете го во длабока чинија, направете бразди и потурете го со маслиново масло.

Одозгора наросете кумин и чадена црвена пипер.

 


Доколку се решите за додатокот со кисела павлака во хумусот, ќе добиете покремаста структура и полајт верзија на јадењето кој му дава особен додатен шмек. Ја поделив на 2 дела и во едниот додадов павлака. Мислењата и вкусовите ни беа поделени, но ако мене лично ме прашате, јас сум за со додатокот од кисела павлака. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Бисквитен колач со фил од банани и праска

 Бисквитен колач со фил од банани и праска 

Кај нас бананите се јадат додека се зелени., инаку никој не ги погледнува. Ниту пак некој десерт, со ретки исклучоци сакаме со нив. И така, жешко, па овошјето брзо презрева и наместо да ги фтлам или дадам на оние кои ги јадат, се појави идејава за овој колач. Ја тргнав мрзата на страна и решив дека еднаш и јас ќе ги искористам, а потоа ќе видиме кој ќе ги јади :) 

Се спрема ексрпесно брзо, не треба рерна, само една вилушка и миксер и 15на минути време. 

Откако го направив, немајќи место во обичниот фрижидер го ставив во замрзнувач и го заборавив... Тоа беше позитива и ние скептиците да го сакаме колачот исто како и сиот нормален свет. Едноставно смрзнатото овошје со шлаг колачот го направија како да јадиш сладоледен. 

Значи, да заклучиме... пробајте го ден покасно откако ќе го направите. Тогаш се спојуваат комплетно состојките и е многу повкусен. И, обавезно пробајте го да го јадите подзамрзнат. Има мнооогу разлика. 



Состојки

400 гр какао бисквити

1 шолја млеко (за макање на бисквитите)

450 гр зрели банани (кај мене беа 4)

150 гр зрела праска (1 голема)

3 ќесички шлаг пена во прав

200 гр слатка павлака

За украсување – чоко прелив или рендано чоколадо

 

Подготовка

Испасирајте ги бананите и праската со вилушка или рачен блендер и во нив додајте ги ќесичките шлаг пена.

Матете со миксер додека се згусти, некои 5 минути. Толку. 



Доколку сакате послатко и овошјето не ви де доволно слако можи да додадете малку шеќер спрема вашата желба.

Доколку пак потешко се прави како крем, ставете го на кратко (некои 15на минути во замрзнувач) и продолжете о матењето. Колку е поладно овошјето, толку полесно се претовра во крем масата во текот на матењето.

Во тава наредете бисквити 3х4 претходно кратко намакани во млеко, потоа ставете половина од филот. Потоа повторно ред бисквити и повторете уште еднаш. Над последниот, трет слој бисквити премачкајте ја изматената слатка павлака и украсете со чоко прелив или рибанки чоколадо.

 


·       Овој колач препорачувам да го чувате во замрзнувач бидејќи така ствара ефект на сладолед овошниот фил, така да го јадите малку пододмрзнат. Вистинскиот ефект, т.е. си легнуваат сите состојки еден ден покасно од моментот кога ќе се направи.

·       Кога не е сезона,  можи овошјето да е само банани. 



 ©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.