Monday, July 18, 2022

Рататуј со ќофтиња

 Рататуј со ќофтиња 

Иако оригиналниот рататуј се прави без месо, само од зеленчук, сепак исклучок се прави ако имате бунтовници кои не се по ручек од зеленчук, тогаш оваа верзија на рататуј е вистинската за нив. Потврдено :) 


Состојки 

За ќофтињата

0,5 кг  говетско мелено месо

1 кромид

1 јајце

2 лажици кисело млеко

2 лажици презла

Коцка за супа, зачин за мелено месо, прованса, бибер со лук во прав, сол 

Останато 

1 тиквичка

2-3 домати

3 компири

1 филџан доматно пире

Босилек, бибер, лук во прав

 Прелив 

2јајца

100 мл млеко

Сол 

За најгоре - рендан кашкавал 

 


Подготовка 

Исечкајте го ситно кромидот и измесете ја убаво смесата за ќофтиња од наведените состојки. Оставете ја најмалку еден час во фрижидер или најдобро одвечер во фрижидер.

Направете мали ќофтиња со големина пречник колку зеленчукот во обем. Кратко испржете ги од двете страни на малку масло врз нелепливо тавче и оставете ги на страна. 



Зеленчукот исечкајте го на тркалца со дебелина од околу 3,4 мм. Тиквичката и компирот ставете ги во еден длабок сад, додадете лажица-две масло и околу 1 лажиче сол и измешајте ги убаво да се налепи насекаде.

Користев тава 24 за овој зарзават, но би ве предупредила да користите некоја со повисоки страни или евентуално 26 број со малку накосено редење доколку немате висока (во печењето реши да префрла течноста).

Намрсете ја тавата со лажица-две масло и истурете го доматниот сос, кој претходно сте го измешале со сув босилек и лук во прав.

Врз него редете го зеленчукот и ќофтињата исправени.

Попрскајте со масло, посолете и додадете црн бибер одозгора.

Јас првите 20на минути во печењето ја имав покриено со алу фолија, но ако не ви е многу силна рерната, не мора.

Печете на 200С половина час, па разматете ги јајцата со млекото и солта и истурете ги рамномерно насекаде во тавата. 



Печете уште 5-10 минути, па изрендајте кашкавал одозгора. 



Вратете во исклучена рерна да се стопи кашкавалот.

 





©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 











Роденденска Дата торта

 Роденденска Дата торта 

Знам, многу каснам со тортава, иако имам куп рецепти спремени уште пред да се решам да го стартовам блогот...Ама ќе речите барем датата да се запазеше дека е испишана на тортата. Е па, драги мои, дешавки се нижеа и тоа не многу пријатни, а да си признаам и заборавањето во меѓувреме исто така се заслужни. Но, битно е дека барем годината уште е таа истата хаха и мене годините ми се тие истите засега :))))))) 

Инаку, ја бирав со љубов и мерак, па јас и моите гости максимално уживавме во парчето роденденска торта. А вие треба да ја направите, пробате и да се уверите сами во тоа ;) 



Потребно

За кора

6 јајца

6 лажици шеќер

100 мл масло

4 лажици брашно

2 лажици какао

½ ќесе пециво

100 гр грубо мелени потпечени лешници

За 1 фил

750 мл млеко

3 ќесички прашок за пудинг со вкус на чоколадо

6 лажици шеќер

250 гр чоколадо

4 лажици Нутела

200 гр путер + 1 лажица шеќер во прав

За 2 фил

500 мл слатка павлака

1 лажица шеќер во прав

1 лажица инстант капучино

 



Подготовка 

Изматете ги јајцата заедно со шеќерот кремасто.

Со најмала брзина на миксерот додадете го маслото, а потоа рачно со кружни движења додадете ги останатите состојки од кои лешниците на крајот.

Смесата истурете ја во плехот од шпоретот кој претходно сте го обложиле со пек-хартија и печете на 180С 15на минути, зависно од силата на вашата рерна.

Оладената кора исечете ја на 3 дела. 


Во млекото со шеќер ставете ги прашоците за пудинг и сварете крем. Додека е жешко додадете го чоколадото на коцки и откако ќе се стопи додадете ја нутелата.

Се ибаво измешајте да се соедини и оставете да излади, па измиксирајте го претходно разбиениот маргарин со шечерот во прав.

На страна изматете ја слатката павлака со шеќерот и капучиното.

Филовајте кора-чоко фил-капучино фил. 




Готовата торта премачкајте ја тенко колку да израмни со остатокот од филовите и потоа украсете ја по желба. 








 

 ©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 

Sunday, July 17, 2022

Печен чизкејк со јаготки

 Печен чизкејк со јаготки 

За мене најдобриот чизкејк е печениот чизкејк, овој е лу-ди-ло! Прва згодна прилика морате да го пробате! 


Состојки 

За подлога 

180 гр мелени бисквити

100 гр стопен путер

Чиз смеса

3 јајца

130 гр шеќер

1 лимон шеќер

1 ванилин шеќер

100 гр рикота или несолена изварка

250 гр маскарпоне

250 гр овошен јогурт од јаготки

70 гр брашно

Топинг

250 гр јаготки

Сок од еден лимон

4 лажици шеќер

 




Подготовка

Најпрво се спрема подлогата, така што се мешаат бисквитите и путерот како „жив песок“ и се натапкуваат на дно на калап со откопчување бр 24.

Се остава во фрижидер додека се спрема чиз смесата.

Белките се матат во цврст снеги се тргаат на страна.

Жолчките се матат до згуснување заедно со шеќерите.

Им се додаваат овошниот јогурт, маскарпонето и рикотата и штом се изедначи на крај и брашното.

Смесата се истура врз подлогата и се става да се печи во загреана рерна 160-165С  околу 55 минути. 



Откако ќе се изгаси рерната се остава да седи уште 10на минути во неа.

Јаготките се сечкаат на парчиња се полеваат со сокот од лимон и им се додава шеќерот. Се варат околу 5-6 минути на средна температура и се оставаат да подоладат, па се тураат врз печениот чизкејк.

Тортата се остава убаво да олади пред служење.  







©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 


Saturday, July 9, 2022

Васина торта

 Васина торта 

Мој кувар и советник

1952 Народна књига Београд 




Не се сеќавам дали воопшто како мала сум ја пробала оваа популарна класика која оваа година гледам повторно е често правен десерт. Значи, за мене е прв пат. Решив дека е редно и јас да ја пробам, но како со тек на време се вршеле варијации, оригиналниот рецепт е оној кој е најтраган. Така, пред неколку месеци мојата пријателка Рози го сподели рецептот од нејзиниот кувар книга издаден некогашната 1952, што значи уште пред моето време, па претпоставувам дека овде го доловуваме оригиналот на Кралицата на тортите.

Би ви ја препорачала оваа торта во зима заради јајцата во филот, но не би се осмелила сепак. Верувајте, толку е вкусна што прашање е дали ќе прележи една ноќ во фрижидерот. 



Состојки 

За тесто

5 белки

5 жолчки

5 лажици шеќер

1 лажица брашно

6 лажици мелени бадеми (околу 80гр)

 Фил

125 мл млеко

2-3 лажици шеќер

200 гр мелени ореви

4 жолчки

4 лажици  шеќер

1 портокал

3 штангли чоколадо (60 гр)

150 гр маслац или путер

Шам

4 белки

250 гр шеќер

250 мл вода

 


Подготовка

Изматете ги белките со прстофат сол.

Во дру сад изматете ги кремасто и густо жолчките и шеќерот.

Потоа додадете ги брашното и мелените бадеми миксирајќи со најмалата брзина на миксерот и на крај, рачно измешајте го снегот од белките.

Ставете ја тортата во калап бр 26 претходно намрсен и посипан со брашно и печете на 160С околу половина час (проверете со чечкалица)

Млекото со шеќерот и оревите ставете го на средна температура на рингла и мешајте додека не испуштат арома оревите. Потоа тргнете го на страна да се лади.

Посебно изматете ги жолчките со шеќерот до убава крем структура и измешајте ги со оладените ореви (тука е постапката опишана со живи жолчки, но ако стравувате дека не ви се свежи јајцата, тогаш слободно изматете ги на пареа).

Во филот додадете ја кората и сокот од портокалот и стопеното чоколадо за готвење.

Посебно изматете го маслацот/путерот и додадете го во филот.

Со овој фил се премачкува кексот одозгора.



Водата и шеќерот за шамот ставете ги да вријат малку погусто отколку за слатко.

Во меѓувреме започнете да ги матите белките. Кога ќе станат снег и шербетот ја достигнал густината, така врел пополека со матење додавајте го во снегот од белки, при што претходно садот ќе го сместите врз друг сад и ќе го работите овој процес на пареа. Кога ќе го дотурите шербетот, тргнете го садот од пареа и матете додека шамот не олади.

Со него премачкајте врз филот со ореви и украсете со свежи или зашаќерено овошје, перли или било што по ваша желба. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт.