Monday, June 13, 2022

Пастицио (Παστίτσιο)

 Пастицио (Παστίτσιο) 

Се смета за грчки специјалитет, невообичаено за нашата кујна е што се додава цимет во делот со мелено месо и тоа го прави со посеен шмек. Поробајте, многу пријатно ќе се изненадите. Нека не ве плашат состојките, лесно се спрема, само садовите за миење ќе останат :) 


Состојки

За меленото месо

4 лажици маслиново масло

1 лажиче шеќер

2 главици кромид

Свеж тимијан (мајчина душица) или 1 лажиче сушен

1 чешне лук

2 лажици густо  доматно пире

750 гр мелено говетско месо

100 мл црно или црвено вино

2 домати (400 гр)

1 лажиче цимет

2 коцки за супа

2 ловоров лист

1/2 киска и повеќе сечкан магдонос 

1 лажиче сол

За бешамел

100 гр путер

100 гр брашно

1 литар млеко

½ лажиче рендано морско оревче

Сол и црн бибер

100 гр рендан кашкавал

3 жолчки 

 За тестенините

300-350 гр перфорирани шпагети или макарони

200 гр фета сирење

2 јајца

½ киска магднонос

30 мл маслиново масло

Ситно сечкан тимијан 

50 гр рендан кашкавал за одозгора

 

Подготовка 



Сварете ги тестенините.

Во тава на рингла ставете масло и ситно сечканиот кромид со шеќерот и 2-3 гранчиња тимијан. Пржете да се карамелизира кромидот. Потоа додадете го лукчето ситно исечкано и по минута пирето од домати. Пржете го уште 2 минути.

Додадете го меленото месо да се запржи. Потоа налејте го виното и кога ќе се соедини додадете ги и доматите, коцките за супа, циметот и ловоровиот лист и посолете.

Јас имав само половина кг мелено месо, па овде додадов една голема главица кромид и 2 помали домати. Немав свеж тимијан, па користев сув. Исто така имав доматен сос кој не беше паста, па најпрво додадов малку повеќе од дозата и чекав да испари течноста за да го постигнам до некаде ефектот. 



Кога сето ќе се соедини, тргаме од рингла, ги вадиме ловоровите листови и додаваме ситно сечкан магдонос.

Во тенџерче на рингла го топиме путерот и во него го додаваме брашното кое со мешање го пржиме минута до две, па го додаваме  во 2-3 наврати со мешање млекото. Треба да се добие кремаста структура.

Тргаме од рингла, посолуваме, додаваме ббиер и морско оревче и ренданиот кашкавал. Се убаво се меша да се соедини. 



Во тестенините го дробиме сирењето и ги додаваме останатите состојки, мешаме и ги распоредуваме рамномерно во намрсена тава 25х35 (кај мене 20х30).

Од бешамелот земаме една кутлача и ја додаваме во меленото место (јас оваа постапка ја заборавив, ама уживањето сепак воопшто не ни беше скратено) и го распоредуваме врз тестенините. Над нив го истураме бешамелот и одозгора поросуваме рендан кашкавал. 



Печиме на 180С 40 минути (кај мене е силна рерната, па намалив малку на време и 10С температура) и кога е готово уживаме во вкусот. Секако, најфино е кога ќе се навали на топло, но пресекот доаѓа до израз најдобро кога ќе олади : ) 

Жалам што пресекот не го доловив поубаво на готографиите. Бевме сите гладни и нестрпливи на примамливата арома. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт.



No comments:

Post a Comment