Wednesday, April 7, 2021

Каноли Сицилијани (Cannoli Siciliani)

 

Каноли Сицилијани (Cannoli Siciliani)

Деновиве „патуваме“ во Италија. Овој пат, на Сицилија. Ќе се послужиме со нивниот популарен десерт Сицилијански Каноли, со крцкава кора со мирис на цимет и мека полнетица од нивната прочуена рикота со вкус на портокал и по некое чоколадно зрно. Финишот го прават мелениот `фстак и канираното овошје. Кај мене се цреши, но кандиран портокал би било она вистинското. 



Потребно 

За тесто

250 гр брашно

15 гр шеќер

½ лажиче цимет

¼  лажиче сол

30 гр путер

1 големо јајце

75 мл марсала вино



За фил

700 гр рикота

9 лажици шеќер во прав

6 лажици густа слатка павлака

Рендана кора од 1 портокал

2 портокал шеќер 



Подготовка 

Од состојките за тесто најпрво се мешаат сувите, па потоа во нив се трие путерот, па се додава јајцето и на крај виното.

Кај нас нема марсала вино, па замена би било некое миризливо сортно вино. Како јас немав такво во мометнот, решив да измешам 60/40 бурбон/вода за милилитражата која беше потребна во рецептот и испадна одлично!

Тестото расплескајте го и ставете го во најлонска фолија да отстои еден час во фрижидер.

Потоа расукајте го тенко на набрашнета површина и со голем кружен калап сечете кругови.

Секој круг со сукало развлечете го малку овално и на долгата страна поставете лимен цилиндричен калап. Краевите треба да се соединат преку калапот, а за тоа да е совршено, се прави така што едниот крај се мачка со малку белка на местото каде ќе преклопува другиот крај. Потоа само нежно со раката изролајте го калапчето на масата за убаво да се соедини. Внимавајте да не мачкате отповеќе со белката, бидејќи ќе имате потешкотија да го истргате калапот од канолата. 



Вака спременото тесто се пржи во загреано длабоко масло кратко време (се познава одма од око) и се одложива врз хартиена салфета. Совет: пржете ги прво од превитканата страна за да не се криват многу.

Кога ќе подизладат малку калапите се тргаат.

Пржените каноли можи да ги филовате веднаш откако ќе изладат или да ги чувате во добро затворена кутија до филовање.

Всушност, добар совет е да ги филовате непосредно пред служење, па така, ако мислите дека нема да се изедат сите тој ден, оставете нефиловани до следната прилика. 



Филот е основа од рикота сирење. Доколку не можите да најдите рикота, употребете несолена изварка/урда.

Сирењето мора да отстои ем половина час на цедилка во фрижидер да излези вишокот течност или едноставно да го ставите во газа и да го истегате. Моето, беше толку убаво суво што немаше потреба од тоа (а тоа е многу ретко).

Потоа се додаваат останатите состојки за фил и се миксираат до убав густ крем.

Кремот се става во шприц со широк отвор и од двете страни се полнат канолите.

На крај, украсете ги со мелени `фстаци и канирано овошје. 



* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт. 



No comments:

Post a Comment