Thursday, October 20, 2022

Суви колачи со таан или путер од кикиритки

 Суви колачи со таан или путер од кикиритки 

Овие колачиња беа често правени и хит во една фб група наречени со името Таанки кои мене многу ми се допаднаа баш заради таанот во нивната содржина. Но, таанот и путерот од кикиритки за мене се сродни по состав, па така јас направив една доза со таан и една со путер од кикиритки. Што да ви кажам...прекрасни се! Скоро па доловена структурата на купечките колачи. 

За оние кои сакаат суви колачи и блага нота од овие арматични додатоци <3 


Состојки

100 гр путер

100 гр шеќер во прав

100 гр таан или путер од кикиритки

200 гр брашно

2/3 лажиче пециво

Прстофат сол

1 – 2 лажици сок од лимон или вода

30 – 40 гр чоколадни капки или сечкано чоколадо

 


Подготовка

Путерот и шеќерот ги миксираме.

Кога ќе се спојат го додаваме таанот или путерот од кикиритки и повторно миксираме.

Овде кај мене на сликата се едните со таан, а другите со путер од кикиритки.

Се додава брашното и прашокот за печење, прстофат сол и се меси. На крај се додава сокот од лимонот или вода или мешано.

Треба да се добие ронливо тесто кое кога ќе се стисни во дланката треба да ја задржи формата, да не се растресува. 

Значи, не додавајте отповеќе вода ако нема потреба, оти нема да ви се ровки колачите, а верувајте ми на јадење изгледаат купечки, иако изгледот е рустичен. 



Чоколадните капки можи да ги додадете во тестото, откако ќе ги формирате одозгора или и така и така.

Тестото се завиткува во најлон фолија и се остава половина час во фрижидер.

Потоа се оформуваат мали топчиња кои нежно се сплескуваат, се радат во плех со хартија на растојание и се печат на 180С 12на до 15 мин. Зависно од рерната. 



Извадени од рерна се се уште меки, но штом оладат, се стрврднуваат. 

Дозата е мала, па не верувам дека ќе останат, но сепак складирајте ги во затворена кутија за колачи. Како суви колачи можат да траат најмалку една седмица и повеќе. 



*Една доза е = за еден плех од шпоретот. 

 




©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 


No comments:

Post a Comment