Wednesday, June 9, 2021

Павлова торта

 Павлова торта 

Последното од едицијта „гајба јаготки“ беше оваа, Павлова, која последно многу се врти по фб групите со мали варијации на количлина состојки и време и температура на печење. Го избрав овој рецепт како најсигурен и како за прв пат правење. Не можи да се утки! Единствено само рерната можи да замеша прсти во перфекционизмот, а сепак никој да не сети и сите да ти кажат - какво уживање е ова! 



Состојки

За кора

150 гр белки (од 4-5 јајца, кај мене 4 XL)

250 гр шеќер во прав

1 лажица нишесте

1 лажица киселина

За фил

2 шлаг крем од ванила

300 мл млеко

Шлаг пена, сос од јаготки, црвено овошје (најдобро јаготки или малинки) 




 Подготовка

Пуштете ја рерната да се загрее на 130С.

Измерете 150 гр белки и матете ги со миксер додека згуснат.

Потоа додавајте 1 по 1 лажица шеќер во прав, така да при секое следно додавање ќе матите 30на секунди.

Кога ќе се потроши шеќерот, се мати уште 3-4 минути, па се додава нишестето и киселината и повторно уште толку матење со миксерот.

 

Во плехот од шпоретот ставаме пек-хартија и врз неа ја оформуваме основата на тортата. Тука има варијации... дали ќе направите една голема цела или повеќе мали, или пак, како мене малку поголеми од мали бидејќи по толкави сакав да подарам.

Најлесен и најбрз начин  е ако ја ставите смесата во шприц со широк отвор и нанесувате во почеток со кружни движења од онаа големина која ја посакувате, па се така во круг до центар и уште еден надворешен круг по крајот, па потоа малку со лажица да оформите вдлабнатина во средината ако сметате дека има потреба.

Рерната се намалува на 110С и се става да се печи 2 часа.

Кај мене оваа температура се покажа силна, па јас покасно намалив прво на 100, па потоа и на 90С. Секако, улога игра и за каква форма ќе с еодлучите. Дали за помали или за една голема, но во секој случај и јачината на самата рерна (која кај мене е силна).
Не се плашете за скоро време да намалите и на 100С, па покасно да регулирате со времето на отстојување во рерната.

Додека се печи, многу е важно за тоа време рерната никако да не се отвора и кога ќе ја изгасите рерната, убаво е и да ги оставите така да отстојат колку е можно подолго време, па дури и преку ноќ. 



Филовајте доколку можите најскоро пред служење и секако, во филот е најбитно да има шлаг и јаготки/малинки (или некое друго овошје ако нема можност за вакво), а другото е варијација на избор.

Во мојата логика основата на филот ја посакав со ванила, па е пакетчиња ванила шлаг крем изматив со 300 гр млеко, врз тоа имав домашно спремен густ сос од јаготки, па шлаг и овошје. 






©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Tuesday, June 8, 2021

Колач од гриз и јаготки

 Колач  од гриз и јаготки 

Сезона е на јаготки, па да се искористи најдобро што се можи. 

Преку пријател зедовме гајба јаготки по набавна цена и што да ви кажам...воднерленд!!! :) 

Сега ви презенирам едно колаче од едицијата „лапни-голтни“ и само уште ќе ви треба весело друштвенце за потополно уживање ;) 


Состојки 

За белиот дел

1 литар млеко

1 чаша шеќер

1 чаша гриз

1 лажица кокос

1 лажица путер

1 пакетче ванилин шеќер

За црвениот дел

1 чаша изблендирани јаготки

1 чаша шеќер

1,5 чаша вода

3 полни лажици нишесте 

чаша= 200мл 



Подготовка 

Млекото, шеќерот и гризот се варат со мешање додека зоврие,т.е. згусни смесата.

Му се додаваат и останатите состојки и се меша додека се соединат.

Смесата се излива во калап за кростата/тарт (во средината со поткренато дно) и се остава да олади. Најдобро е ако имате силиконски, ако не, претходно обложете го со стреч фолија. 



Го спремаме црвениот дел.

Во дел од водата го раствораме нишестето.

Значи, да нема забуна, чашата треба да е полна со веќе изблендираноте јаготки.

Такви, заедно со шеќерот и водата се варат и откако ќе зовијат, на средна кон висока температура се варат уште 5 минути со често мешање.

Потоа се додава раствореното нишесте и  се вари додека згусни.

Го превртуваме калапот со сварениот гриз врз рамна чинија и врз него  (во оној вдлабнат дел) се тура смесата од сварените јаготки. Искрено, мене ми прелеа над него, а како филот го имаше повеќе од доволно и остана, сакав што повеќе да ставам врз. Кога ќе подолади, се остава во фрижидер најмалку 1 час убаво да излади. 

*Доколку немате таков калап, Селма, од каде ми е рецептот, вели во округла тепсија да ставите 1 длабока чинија (од оние за сркање чорба) и брз тоа да прелиете со сварениот гриз. Потоа само ја превртувате тепсијата врз рамна чинија, ја вадите длабоката чинија што сте ја ставиле и во таа вдлабнатина полните со филот од јаготки. 



**За полесно излегување од калапот секако, не заборавајте претходно да го исплакните со ладна вода пред да го турите сварениот гриз. 



©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Friday, June 4, 2021

Слатко од јаготки со боз

 Слатко од јаготки со боз 

Многу сакам боз! Како дете едвај чекав комшивката која редовно правеше сок да го спреми и прва се цртав кај неа пред врата со надеж дека ќе пивнам некоја чаша од највкусниот домашен сок :) За жал, моите никогаш не правеле таков сок, па кај нема ми беше единствената шанса :))) 

Боз и ретко гледам во мое опкружување, ама најчесто како и тогаш кога бев дете, чекам некој да направи и јас да ќарам некоја голтка :))) 

Деновиве времето променливо, па не е ни многу жешко, ни многу ладно (или од двете по малку напати), па е одлично за малку шетанција. Така, еден убав ден, си го направив долгонамерениот мерак да го прочешлам со се дел од селата едното крајбрежје на Преспата. Во прекрасното село Љубојно, кое здив одзема, баш таму, во центарот или како негогаш се нарекувало средсело, порастени куп бозови дрвја! Мерак на мераците! Е, од тој боз, по рецепт на една пријателка, направив многу малку, колку за проба вакво слатко. 

Мешавината на два неодоливи вкусови, во кој секако, преовладува основниот, на јаготката. 



Состојки 

1 кг јаготки 

1 кг шеќер 

1 лимон 

4-5 цветови боз 


Подготовка 

Исчистените и измиени јаготки се ставаат во сад и се полнат со вода колку да ги покрие. Се додава сокот од лимонот и се оставаат 3 часа да отстојат. 

Потоа исцедете ги од водата и наредете ги во тенџере, ред јаготки, ред шеќер, додека се потрошат наминиците. 


Варете ги, отпенувајќи ги на појак оган најмногу 30на минути. 

10 минути пред крај, додадете ги цветовите боз исчистени од гранчињата, кој претходно сте го ставиле во истата вода со лимон во која стоеле јаготките. 

Свареното слатко покријте го со влажна пацета и оставете го така преку ноќ или додека комплено не излади. 

Проверете ја густината на шербетот и ако сметате дека има потреба потоа приварете го, па потоа соберете го во тегли. 

Јас го варев 30 минути, па го додадов бозот уште 10на минути. Немаше потреба од доварување. 



Повелете, заблажете се :) 

©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.


Слатко од јаготки II

Слатко од јаготки II 

Знам, првиот начин не е напишан овде на блогот. Тој е мој лично составен рецепт од повеќе разгледани. Ќе гледам да го напишам додека е сезоната на јаготки. Вториов начин е без додавање вода, па решив да го пробам. Авторот на рецептот од каде го видов, тврдеше дека вака спременото слатко не се расипувало. Ако остани некое тегличе (се надевам) ќе се навратам со мои видувања.  
Како и секое слатко и ова испадна одлично, особено дека пак е од јаготки, можите да си ја замислите аромата која се ширеше...





Состојки 

1 кг јаготки 

1 кг шеќер 

1 лимонтус + 1 чаша вода 

1 лимон 


Подготовка 

Лимонтусот се раствота во чаша вода и во него се ставаат дел по дел од исчистените јаготки да постојат околу 15на секунди. 

Лимонот се цеди и со него се преливаат јаготките. 

Изберете поголемо тенџере во кое ќе ги варите. Слаткото во почеток многу се пени и пената се крева многу брзо нагоре. Солидно би било она во кое 2/3 ќе ви останат празни или најмногу половина. 

Во тенџерето редете ред јаготки, ред шеќер и се така наизменично додека се потрошат намирниците. 

Јас успеав да скратам малку од шеќерот. Некаде по 100 гр на кг. 

Покриено и на ладно место се остава тенџерето преку ноќ или барем над 6 часа (т.е. онолку колку ќе е потребно за јаготките да пиштат сок). 

Слаткото се вари на силен оган 20на минути и не се меша. Само повремено можи да се протресува тенџерето. 

Се трга од оган и се покрива со влажна пацета. За 15на минути јаготките ќе пуштат сок и повторно се враќа на оган каде оставаме да врие 5-10 минути зависно колку е густината на сирупот. 

Се трга на страна и повторно се покрива со влажна пацета. Се остава убаво да излади. 

Секако, за тоа време додека се вари постојано се отпенува до самиот крај додека  се ствара пена.

Изладеното сдлатко се собира во тегли. Ако ви остани сируп повеќе, соберете го во една тегличка и употребете го за некој прелив за десерти, или за палачинки и сл. 



©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.





Sunday, May 23, 2021

Карамел розен штангли

 Карамел розен штангли 

Ги правев за празниците на 1ви Мај, ама се случи периодов убаво време, шетање покрај празниците плус, така што немав време да седнам овде и да пишувам, па ете ги сега :)  

Розен корите одамна чекаа за некоја нова идеја и рецепт. Другите розенки во некоја згодна прилика ќе ги внесувам постепено во блогот. 


Состојки 

1 пакет розен кори

400 гр шеќер

0,5 литри вода

100 гр чоколадо

250 гр маргарин

150 гр мелени ореви

300 гр мелени бисквити

Прелив

120 гр чоколадо

2 лажици карамел фарситура

Мало парче маргарин

 


Подготовка

Во суво тенџере ставете го шеќерот на умерена сила на ринглата да се стопи во карамел. Потоа додадете ја водата загреана. Мешајте на ниска температура додека се стопи карамелизираниот шеќер, па потоа додадете ги маргаринот и чоколадото издробени на поистно да се соединат и тие.

Тргнете го од рингла тенџерето и додадете ги мелените ореви и бисквитите.

Оставете го да подолади пред да филовате. Со текот на ладење филот станува поцврст, но во зависност од сувоста на бисквитите и испарувањето на водата додека се загрева ќе отцените ако можеби треба малку да придодадете или скратите суви состојки.

Со филот, отприлика со по 4 полни лажици, се премачкуваат розен корите сите, освен последната.

На филованите кори одозгора ставете блага тежина на целата површина додека комплетно не изладат, а потоа прелијте одозгора со филот.

За тоа, на водена бања стопете го чоколадото и потоа додадете го маргаринот, па карамел фарситурата. 




©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.


Пита со капини

Пита со капини  

Живеам на периферија каде лесно можи да се дојди до зелени ливади во близина. Всушност две ми се скоро до самата куќа. Така, лани комшијата пензионер за да се занимава собра многу капини, а комшивката скоро и да ги подели со мене. 

Капините ги ставив во фрижидер и така си прележаа цела зима. Време дојде да се празни за новие бобинки, а капини скоро две кила. 

Овој рецепт беше совршен за нивно трошење во поголеми количини. 

Секогаш гледам да направам нешто ново, па така и овој рецепт. Се сомневав дали ќе испадни добро со тоа што тестото беше многу оскудно по состав, а за прав пат се среќавам со печење на сирови капини. Филот всушност и не ме плашеше, иако бев пријатно изненадена на пресекот. Уште топла имаше совршен пресек, а јас брзав да ја сечам рано бидејќи секогаш подарувам од она што го правам. Сомнежот ме натера само да ставам малку прашок за печење во тестото. 

И за крај, ќе се повторам...испана совршена! 


Состојки 

За тесто

2,5 чаши брашно 

125 гр путер или маргарин 

0,1 лажиче сол

1 лажиче шеќер

7-8 лажици ладна вода 

1/3 лажиче прашок за пециво 

 За фил

6 чаши капини

¼ чаша брашно

½ чаша шеќер

¼ лажиче цимет

2 лажици масло или стопен путер 

Рендана кора од 1 лимон

½ лажиче лимонска киселина

(јас овие две ги заменив со 3,4 пакетчиња лимон шеќер) 

За премачкување

1 јајце

1 лажица млеко 



Подготовка 

Од наведените состојки измесете глатко тесто.

Тестото поделете го на два малку различни по големина дела и оформете ги во топки.

Поголемата расукајте ја во круг и обложете ја во намастена и набрашнета тава за тарт по дното и по страните.

Ставете ја тавата и останатото тесто во фрижидер околу 20на мин.



Во меѓувреме спремете го филот, кој оди многу брзо и лесно, сиров.

Едноставно измешајте ги сите сотојки и почекајте до времето на ладење на тестото.

Потоа, ставете го врз расученото тесто и убаво распоредете го, па расукајте ја и другата топка тесто и покријте одозгора.

Печете во загреана рерна на 190С околу 30на минути. 



Печената пита кога ќе подизлади извадете ја на решетка да се доизлади и потоа поросете ја со шеќер во прав. 


За љубителите на ова овошје е вистинска наслада, а и оние кои површно ги сакаат капините сепак нема да останат рамнодушни :) 






©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.



Friday, May 21, 2021

Раванија со кокос и семолина за бебиња со вкус на банана

Раванија со кокос и семолина за бебиња со вкус на банана 

Немам бебиња, ама уште кога го видов гризот за бебиња на акција во продавницата, знаев дека ќе го употребам за раванест кекс и ете, конечно после подолго чекање му дојде денот. 

Како кај мене кампањски се јади одредена храна, така, знаев дека ова нема ни да го мириснат, па решив да го испечам во две алу калапи кои ќе ги подарам на вистинските места каде нема ни ронка да остани. За мене решив да си одделам само едно парче, но покасно си тргнав уште едно :) 

Семолина за бебиња не гледам често во продавница, па не знам дали, каде и колку ја има, но вие кои сакате да го пробате благово, можи да си ставите обичен гриз секако. 




Состојки 

За кексот 

3 јајца

1 чаша шеќер

1 чаша млеко

1 чаша масло

1 чаша брашно

1 чаша семолина за бебиња со вкус на банана

1 чаша кокос

1 ванилин шеќер

1 пециво

 

Шербет

2 чаши шеќер

1,5 чаша вода

1 ванила

 

За премачкување 

6 полни лажици карамел фарситура

Чаша 250 мл (јас користев од 200мл)


Подготовка 

Се матат убаво јајцата шеќерот и ванилата, па се додаваат течните состојки. На крај се додава брашното со пецивото, па гризот и кокосот.

Смесата се истура во намастена тава и се печи на 190С  околу 30на минути (проверете со методот сува чечкалица).

Додека се печи кексот, се спрема шербетот кој можи да го оставите една минута на рингла додека врие, па се трга да подолади.

По 10-15 минути се прелива кексот со шербетот и откако ќе се впие се премачкува одозгора со карамел фарситурата.

Се остава да излади и се сечи на посакуваните парчиња. 



 ©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Wednesday, April 7, 2021

Торта Капрезе

 Торта Капрезе 

Во далечната 1920 година на италијанскиот остров Капри на готвачот Кармин Ди Фјоре му било наредено да спреми торта за тројца американци. Кога чул дека во прашање се мафијаши на Ал Капоне, готвачот толку испаничил што заборавил да стави брашно во тортата. Тоа, секако, не смеел да го кажи и ја послужил таква каква што била. Мафијашите се воодушевиле од вкусот. Така, оваа торта со грешка стана една од најпознатите торти во Италија. 


Потребно 

5 јајца

200 гр шеќер

200 гр путер

200 гр чоколадо со висок процент на какао

250 гр бадеми

1 ванилин шеќер

½ филџан рум

Прст сол


Подготовка 

Бадемите потпечете ги и сомелете ги крупно.

Чоколадото и путерот стопете ги. Мешајте повремено додека се ладат да не се направи кора.

Оддвојте ги белките и жолчките.

Белките изматете ги цврсто со прстофат сол.

Жолчките со шеќерот и ванилата се матат додека згуснат.

Се додаваат стопените путер и чоколадо и се мати со намалена брзина додека убаво и цврсто се соединат.

Се додава на крај и румот да се соедини.

Бадемите ги додаваме рачно. Мешаме со шпатула.

На крај полека и постепено го додаваме снегот од белки, мешајќи едносмерно за да се задржи воздухот.



Намастете калап на откопчување 24 со путер насекаде, а на дното ставете и пек хартија. Истурете ја смесата за торта во него и печете ја на 170С 40 минути. Имајте во предвид дека оваа торта во средината останува влажна. Тестот со чечкалица овде можи да го замените со благо притискање на кората и осет на раката дали е печена тортата. Всушност, на оваа температура и време е доволно да се печи тортата. Доколку сметате дека рерната ви се послаба, продолжете уште 5-10 мин. Печење и/или завршете со тоа што ќе ја оставите некое време во исклучена рерна.



Печената торта откако ќе излади наросете ја со шеќер во прав.

Оваа торта не трпи друга декорација, шеќерот во прав комплетно ја надополнува нејзината фантастична арома. 


Предлагам, ако сакате румот да го замените со некој ликер или да го разредите со вода ако не сакате да имате во почетокот негов јак интензитет. 

Јачината на тортата се осеќа и од чоколадото со висок процент и одлична е кога сето тоа ќе се надополни со ситно крцкавите бадеми. 

Мене другиот ден супер ми одеше во комбинација со инстант ванила пудинг ммм...




 ©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.



Мека солена кростата

 Мека солена кростата 

Неделава „патуваме“ во Италија 

По правило, кростата се прави од ронливо тесто, како францускиот тарт, но, кога ќе ја замешаме „црногорската“, тогаш кростатата ќе е мека, побрза и полесна за спремање :) 


Потребно 

За тесто 

3 јајца

100 мл млеко

100 мл масло

180 гр брашно

1 пециво

1 рамно лажиче сол

 За фил 

250 гр крем сирење

1 домат или неколку шери доматчиња

3-4 парчиња моцарела

Мал грст валеријана или босилек

½ лажиче италијански зачин 




Подготовка 

Изматете ги густо јајцата. Намалете ја брзината на миксерот и постепено додавајте ги течните состојки, па пецивото и брашното измешано со солта.

Намастете калап за кростата и набрашнете го, па истурете ја смесата во него.

Печете 20-30 мин на 160 С.

Извадете ја печената кростата од калапот на решетка кога малку ќе подолади и оставете ја да излади убаво.

Потоа премачкајте ја со крем сирењето и врз него наредете доматчиња, листови валеријана или босилек, моцарела и по некое маслинче. Поросете одозгора со италијански зачин и малку сол врз доматите. 




* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Каноли Сицилијани (Cannoli Siciliani)

 

Каноли Сицилијани (Cannoli Siciliani)

Деновиве „патуваме“ во Италија. Овој пат, на Сицилија. Ќе се послужиме со нивниот популарен десерт Сицилијански Каноли, со крцкава кора со мирис на цимет и мека полнетица од нивната прочуена рикота со вкус на портокал и по некое чоколадно зрно. Финишот го прават мелениот `фстак и канираното овошје. Кај мене се цреши, но кандиран портокал би било она вистинското. 



Потребно 

За тесто

250 гр брашно

15 гр шеќер

½ лажиче цимет

¼  лажиче сол

30 гр путер

1 големо јајце

75 мл марсала вино



За фил

700 гр рикота

9 лажици шеќер во прав

6 лажици густа слатка павлака

Рендана кора од 1 портокал

2 портокал шеќер 



Подготовка 

Од состојките за тесто најпрво се мешаат сувите, па потоа во нив се трие путерот, па се додава јајцето и на крај виното.

Кај нас нема марсала вино, па замена би било некое миризливо сортно вино. Како јас немав такво во мометнот, решив да измешам 60/40 бурбон/вода за милилитражата која беше потребна во рецептот и испадна одлично!

Тестото расплескајте го и ставете го во најлонска фолија да отстои еден час во фрижидер.

Потоа расукајте го тенко на набрашнета површина и со голем кружен калап сечете кругови.

Секој круг со сукало развлечете го малку овално и на долгата страна поставете лимен цилиндричен калап. Краевите треба да се соединат преку калапот, а за тоа да е совршено, се прави така што едниот крај се мачка со малку белка на местото каде ќе преклопува другиот крај. Потоа само нежно со раката изролајте го калапчето на масата за убаво да се соедини. Внимавајте да не мачкате отповеќе со белката, бидејќи ќе имате потешкотија да го истргате калапот од канолата. 



Вака спременото тесто се пржи во загреано длабоко масло кратко време (се познава одма од око) и се одложива врз хартиена салфета. Совет: пржете ги прво од превитканата страна за да не се криват многу.

Кога ќе подизладат малку калапите се тргаат.

Пржените каноли можи да ги филовате веднаш откако ќе изладат или да ги чувате во добро затворена кутија до филовање.

Всушност, добар совет е да ги филовате непосредно пред служење, па така, ако мислите дека нема да се изедат сите тој ден, оставете нефиловани до следната прилика. 



Филот е основа од рикота сирење. Доколку не можите да најдите рикота, употребете несолена изварка/урда.

Сирењето мора да отстои ем половина час на цедилка во фрижидер да излези вишокот течност или едноставно да го ставите во газа и да го истегате. Моето, беше толку убаво суво што немаше потреба од тоа (а тоа е многу ретко).

Потоа се додаваат останатите состојки за фил и се миксираат до убав густ крем.

Кремот се става во шприц со широк отвор и од двете страни се полнат канолите.

На крај, украсете ги со мелени `фстаци и канирано овошје. 



* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.