Friday, June 4, 2021

Слатко од јаготки со боз

 Слатко од јаготки со боз 

Многу сакам боз! Како дете едвај чекав комшивката која редовно правеше сок да го спреми и прва се цртав кај неа пред врата со надеж дека ќе пивнам некоја чаша од највкусниот домашен сок :) За жал, моите никогаш не правеле таков сок, па кај нема ми беше единствената шанса :))) 

Боз и ретко гледам во мое опкружување, ама најчесто како и тогаш кога бев дете, чекам некој да направи и јас да ќарам некоја голтка :))) 

Деновиве времето променливо, па не е ни многу жешко, ни многу ладно (или од двете по малку напати), па е одлично за малку шетанција. Така, еден убав ден, си го направив долгонамерениот мерак да го прочешлам со се дел од селата едното крајбрежје на Преспата. Во прекрасното село Љубојно, кое здив одзема, баш таму, во центарот или како негогаш се нарекувало средсело, порастени куп бозови дрвја! Мерак на мераците! Е, од тој боз, по рецепт на една пријателка, направив многу малку, колку за проба вакво слатко. 

Мешавината на два неодоливи вкусови, во кој секако, преовладува основниот, на јаготката. 



Состојки 

1 кг јаготки 

1 кг шеќер 

1 лимон 

4-5 цветови боз 


Подготовка 

Исчистените и измиени јаготки се ставаат во сад и се полнат со вода колку да ги покрие. Се додава сокот од лимонот и се оставаат 3 часа да отстојат. 

Потоа исцедете ги од водата и наредете ги во тенџере, ред јаготки, ред шеќер, додека се потрошат наминиците. 


Варете ги, отпенувајќи ги на појак оган најмногу 30на минути. 

10 минути пред крај, додадете ги цветовите боз исчистени од гранчињата, кој претходно сте го ставиле во истата вода со лимон во која стоеле јаготките. 

Свареното слатко покријте го со влажна пацета и оставете го така преку ноќ или додека комплено не излади. 

Проверете ја густината на шербетот и ако сметате дека има потреба потоа приварете го, па потоа соберете го во тегли. 

Јас го варев 30 минути, па го додадов бозот уште 10на минути. Немаше потреба од доварување. 



Повелете, заблажете се :) 

©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.


No comments:

Post a Comment