Friday, June 11, 2021

Чиз-колач со цреши

 Чиз-колач со цреши 


Потребно 

Кора 

3 јајца

120 гр шеќер

1 пак лимон шеќер

75 гр остро брашно

1 лажиче пециво

3-4 лажици слатко од цреши или друго

 Крем:

200 мл слатка павлака

1 ванила шеќер

2 лажици шеќер во прав

200 гр маскарпоне

 Прелив:

500 гр цреши или друго црвено овошје  

2  пак прелив за торти

0,5 литри вода

4 лажици шеќер

 


Подготовка:

Изматете ги убаво и кремасто јајцата со шеќерот и лимоновиот шеќер, па внимателно полека додајте го брашното измешано со пецивото.

По правило овде кој има повеќе време и е попосветен би требало да ги измати посебно белките и нив на крај да ги додаде во смесата.

 *Јас од брзање направив грешка. Не увидов на време дека мармаладот е за премачкување, па го додадов во смесата за кекс и затоа е со ваква боја. Мислев дека ја утнав скрос, но за чудо едно се убаво си дојде пак. Мармалад нахнадно секако дека премачкав и на кората. Колачот беше правен за голема седенка со друштво во еден топол ден и на сите им се допадна. Всушност еден посочи дека ваков убав колач јадел во Грција и многу уживал, па додаде дека ваков убав колач не смее да нема и посебно име. Е име сепак не му дадовме : )

 Смесата се истура во намастена и набрашнета тава 25х30 и се печи на 170С околу 25 минути.

Печена се премачкува со мармаладот.

 Слатката павлака, шеќерот и ванилата се матат во шлаг и им се додава маскарпонето, па уште малку се мати се убаво да се спои.

Се премачкува кексот одозгора и се израмнува.

 Преливот се спрема по упатството. Тоа отприлика би одело вака – се раствора во 6 лажици ладна вода и малку од шеќерот. Остатокот вода и шеќер се загрева до вриење, па се трга од рингла и се меша со растворениот прелив. Повторно се враќа на рингла да зоврие. На крај, се трга од ринглата и се остава околу 5 минути со повремено мешање малку да подолади.

 За тоа време се реди овошјето врз кремот па се прелива со спремениот прелив.

 Се остава да се здрви и олади убаво, барем еден час во фрижидер пред служење.

 

  ©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

No comments:

Post a Comment