Sunday, August 29, 2021

Јајла чорба (Yayla Çorbası)

 Јајла чорба (Yayla Çorbası)

Ние дома не сме баш многу по чорбите, а оваа комплетно не плени. 

Новитет за нашата кујна кој од радозналост решив да го пробам, а ќе остани во менито особено во ладните зимски денови. 

Инаку, спрема името приметувате дека ни доаѓа од турската кујна, а ние македонците ги обожаваме повеќето нивни специјалитети. 

Па, ако ве има радозлани како мене пробајте ја и верувам дека пријатно ќе се изненадите и вие. 

Дозата е секако онаа, најмалата која можи да се избери, отприлика за 3 лица +/- 1. 



Состојки

1,200 литри вода

1/3 чаша ориз

1 полна чаша цврст јогурт 

1 рамна лажица брашно

1 жолчка

1 лажиче сол

 

Заливка

1 лажица путер

1 лажица суво нане

 


Подготовка

Во тенџере ставете литар вода да зоврие па додадете го оризот да се свари.

Во сад на страна измешајте ги јогуртот, жолчката и брашното. Солта можи да ја додадете сега или на крајот.

Сето ова убаво измешајте го со жица да се соедини во крем смеса. 



Откако ќе се свари оризот во тенџерето додадете ја и останатата вода, па со кутлача две црпења ставете од врелата вода во мешавината со јогурт и енергично измешајте со жица. Потоа истурете ја смесата во тенџерето мешајќи.

Намалете ја силата на ринглата и оставете да вари уште некои 5 минути. 



Путерот ставете го во тенџерче за сос на рингла да се стопи, па додадете го нането и пржете го една минута да пушти од неговата арома. Потоа додадете го во тенџерето со чорбата. По една минута исклучете ја ринглата. Чорбата е готова. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Saturday, August 28, 2021

Салата од црн грав и киноа

 Салата од црн грав и киноа 

Салатава е одлична и како оброк и како мезе. Киноа и грав имав и конзервирани, така да не морав да варам, но решив дека не е страшно малку да се почека и да се свари зарзаватот додека во меѓувреме се бркаат некои други работи. Плус, со еден дел од црниот грав решив да пробам и хумус, па рецептчето ќе следи наскоро и за него. 



Состојки

150 гр црн грав

1 филџанче за турско кафе киноа

½ главица црвен кромид

25см праз

2 помали моркови

Половина киска магдонос


 

Прелив

1,5 ракиено чаше маслиново масло

1 ракиено чаше соја сос

½ ракиено чаше сок од лимон

1 лажица доматна паста

½ лажиче сол

 


Подготовка

Сварете ги засебно гравот и киноата и потоа исцедете ги.

Сварете ги и морковите исто така.

Потоа исечкајте ги заедно со останатиот зеленчук.

Измешајте се заедно.

Во посебен сад измешајте ги сите состојки за преливот и потоа измешајте го во салатата.

За љубителите на лутиот вкус, доматната паста можи да ја изберат со чили пиперче. 




©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Tuesday, August 17, 2021

Хумус од фава

  Хумус од фава 

* Фава или на македонски можи да се сретни под името Бакла (Vicia faba) е едногодишно растение од фамилијата бобови (Fabaceae), со крупно семе кое се користи во исхраната како и гравот. Позната е и како фава грав. Зрното можи да е жолто или зелено. Оваа кај нас која можи да се набави во колонијал е со жолто ситно зрно. 

Уште првиот пат кога ја вкусив за мене стана омилена мешунка, исто како леќата. А и на неа ме потсетува во вкусот. Така, овој хумус од фава беше прашање на време кога ќе се случи на менито :) И секако, си се здоби и со комплименти од оние кои имаа прилика да го вкусат ;) 


Состојки

1 чаша (180мл) фава

½ главица кромид

3 чешниња лук

Сок од ½ лимон

2 лажици таан

½ чаша вода од фавата

Сол по вкус

Маслиново масло, Кумин и чаден црвен пипер 

додаток - 180 гр кисела павлака 

 


Подготовка

Фавата можи да ја сварите на два начини.

Едниот е да ја оставите преку ноќ да искисно во вода, а другиот е, откако убаво ќе ја измиете да оставите да зоврие прво со малку вода (прст, два над зрната), да исплакните и потоа со нормална количина вода да ја сварите.

Исцедете ја, но водата зачувајте ја за додавање при подготовката на хумусот. 

Исцедената фава ставете ја во подлабок сад и во неа додајте го кромидот сечкан, лукот, таанотсокот од лимон и малку од водата за почеток. 



Откако ќе ги изблендирате во еднолична каша, додајте сол по вкус и за густина по желба ако има потреба уште од водата во која се варела фавата. 



Готовиот хумус ставете го во длабока чинија, направете бразди и потурете го со маслиново масло.

Одозгора наросете кумин и чадена црвена пипер.

 


Доколку се решите за додатокот со кисела павлака во хумусот, ќе добиете покремаста структура и полајт верзија на јадењето кој му дава особен додатен шмек. Ја поделив на 2 дела и во едниот додадов павлака. Мислењата и вкусовите ни беа поделени, но ако мене лично ме прашате, јас сум за со додатокот од кисела павлака. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Бисквитен колач со фил од банани и праска

 Бисквитен колач со фил од банани и праска 

Кај нас бананите се јадат додека се зелени., инаку никој не ги погледнува. Ниту пак некој десерт, со ретки исклучоци сакаме со нив. И така, жешко, па овошјето брзо презрева и наместо да ги фтлам или дадам на оние кои ги јадат, се појави идејава за овој колач. Ја тргнав мрзата на страна и решив дека еднаш и јас ќе ги искористам, а потоа ќе видиме кој ќе ги јади :) 

Се спрема ексрпесно брзо, не треба рерна, само една вилушка и миксер и 15на минути време. 

Откако го направив, немајќи место во обичниот фрижидер го ставив во замрзнувач и го заборавив... Тоа беше позитива и ние скептиците да го сакаме колачот исто како и сиот нормален свет. Едноставно смрзнатото овошје со шлаг колачот го направија како да јадиш сладоледен. 

Значи, да заклучиме... пробајте го ден покасно откако ќе го направите. Тогаш се спојуваат комплетно состојките и е многу повкусен. И, обавезно пробајте го да го јадите подзамрзнат. Има мнооогу разлика. 



Состојки

400 гр какао бисквити

1 шолја млеко (за макање на бисквитите)

450 гр зрели банани (кај мене беа 4)

150 гр зрела праска (1 голема)

3 ќесички шлаг пена во прав

200 гр слатка павлака

За украсување – чоко прелив или рендано чоколадо

 

Подготовка

Испасирајте ги бананите и праската со вилушка или рачен блендер и во нив додајте ги ќесичките шлаг пена.

Матете со миксер додека се згусти, некои 5 минути. Толку. 



Доколку сакате послатко и овошјето не ви де доволно слако можи да додадете малку шеќер спрема вашата желба.

Доколку пак потешко се прави како крем, ставете го на кратко (некои 15на минути во замрзнувач) и продолжете о матењето. Колку е поладно овошјето, толку полесно се претовра во крем масата во текот на матењето.

Во тава наредете бисквити 3х4 претходно кратко намакани во млеко, потоа ставете половина од филот. Потоа повторно ред бисквити и повторете уште еднаш. Над последниот, трет слој бисквити премачкајте ја изматената слатка павлака и украсете со чоко прелив или рибанки чоколадо.

 


·       Овој колач препорачувам да го чувате во замрзнувач бидејќи така ствара ефект на сладолед овошниот фил, така да го јадите малку пододмрзнат. Вистинскиот ефект, т.е. си легнуваат сите состојки еден ден покасно од моментот кога ќе се направи.

·       Кога не е сезона,  можи овошјето да е само банани. 



 ©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.


Monday, July 19, 2021

Колач со пудинг и кајсии

 Колач со пудинг и кајсии 

За оние кои не сакаат многу слатки десерти, каде малку се долева доза на киселост од кајсиите, а уште сочен и кремсат е овој десерт. 


Состојки

За кора

2 јајца

4 лажици шеќер

50 мл масло

100 мл јогурт

5 лажици брашно

½ пакетче прашок за печење

Фил

0,5 мл млеко

2 пакетчиња прашок за пудинг со вкус на ванила

5 лажици шеќер

700 гр кајсии

 

Подговтовка 



Најпрво сверете го пудингот во млекото со шеќерот.

Покријте го кога е готов или мешајте го од време на време за да не фати кора.

За тестото најпрво изматете ги белките, додајте ги жолчките кога ќе се направат снег и редоследно со најмала брзина на миксерот додајте ги останатите состојки. 



Намрсете калап 20х20 и истурете половина од тестото.

Врз него половина од пудингот, па наредете половикни кајсии над него.

Потоа останатата половина пудинг и врз него останатата половина тесто.

Над тестото повторно се редат половинки кајсии, овој пат свртени со внатрешноста нагоре. 



Се печи на 180С околу половина час.

Готовиот колач кога ќе подолади се посипува со шеќер во прав. 










©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.


Saturday, July 17, 2021

Ликер од јаготки

 Ликер од јаготки 

Сезоната на јаготките годинава кај мене максимално искористена, така да, стасав дури и ликерче да си направам. 

Нема никаква мака за спремањето, ами маката е во чекањето, ама, кој чека ќе дочека :) 


Состојки 

400 гр миризливи јаготки

1 чаша шеќер

400 мл водка 




Подготовка 

Јаготките се сечкаат на парчиња и се ставаат во една поголема тегла. Се додава шеќерот и водката и убаво се затвора теглата.

Се чува на темно место и повремено се клачка теглата. Во првите денови тоа почесто правете го за да се стопи шеќерот.



Јас ја отворив за 2 недели, иако за една недела ако ви се брза исто така е солиден.

Процедете го и соберете го во шише. Чувајте го на ладно место или во фрижидер. 






©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.


Сендвич сладолед

 Сендвич сладолед 

Летото можеби на почетокот закасни, но овој месец настапи јако  и надохнади за пропустот. 

И како да не ви вадам предлози за разладување, а под разладување прво и најслатко од се е сладолед :) 

Овој ќе го спремите многу едноставно и лесно, но ќе добие еден убав и фенси печат, па дегустаторите ќе бидат пријатно изненадени кога ќе им го приложите. 


Состојки 

  1. 36 бисквити
  2. 1 пакетче прашок за сладолед со вкус на слатка павлака
  3. 1 пакетче прашок за сладолед со вкус на шумско овошје
  4. спрема упатството ладно млеко, плус една чаша
  5. по желба малини или некое друго зрнесто овошје



Подготовка 

1. Секој прашок за сладолед се мати со одредената количина ладно млеко.

2. Во плех се редат, прво бисквити натопени во млеко (4 х 4 и пол кај мене, секако, одговара и 4х4). Се става прво едната врста изматен сладолед, врз него се распоредува овошјето, па потоа другата врста на сладолед. Најгоре се завршува со ред бисквити исто така натопени во млеко.

3. Гледајте секоја бисквита да е во иста положба како долната, за потоа лесно со нож да го исечите сладоледот на парчиња и да дојде совршен сендвич од сладолед.

4. Ставете го 6 часа или преку ноќ да се здрви и сладете се.


©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Пралини со малини

 Пралини со малини 

Лани малините од дворче беа втурени. Домашно на квадрат испаднаа овие пралинчиња. 



Состојки 

50 гр слатка павлака

50 гр пире од малини

150 гр бело чоколадо

1 лажица ликер Шери бренди

200 гр чоколадо + 4-5 лажици масло

 


Подготовка 

Зовријте ја слатката павлака и ставете го белото чоколадо исечкано. Мешајте да се соеднини.

 Малините испасирајте ги и поминете ги низ ситно цедало или газа. Отприлика ќе требаат 120-150 гр малини за да се добие 50 гр пире од малини.

 Пирето од малини измешајте го во стопеното чоколадо и додајте го ликерот.

Измешајте и ставете го филот во фрижидер да отстои преку ноќ.

 Следниот ден се топи чоколадото со маслото и со него се обложуваат силиконските калапи за пралини. Зависно од густината 2-3 слоја.

 Обложните калапи со чоколадо се полнат со филот и повторно се затвораат одозгора со чоколадо.

 Пралините чувајте ги на ладно место или во фрижидер.

 

Се добиваат едни малинесто вкусни пралини со не многу цврст фил, но сепак не толку мек кога ќе загризиш да избега веднаш. Многу слични на овошните чоколадни бомбони од некогашните бомбоњери : )



©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Thursday, July 15, 2021

Овошен сладолед од праски и банани

Овошен сладолед од праски и банани 

Здрава и многу вкусна варијанта на сладолед. Мора да пробате! 


Состојки 

1 замрзната банана

2 замрзнати праски

2 лажици сок од лимон

1 лажица вода

2 лажици кисела павлака

100 мл засладено кондензирано млеко

100 мл слатка павлака 

 Подготовка

Од вечер ставете го oвoшјата во замрзнувач да замрзнат, претходно исечкани.

Другиот ден ставете ги во Нутрибулет со сите наведени состојки, освен слатката павлака. Миксирајте додека не се стори еднолична каша.

Потоа додајте ја слатката павлака и оставете да миксира 3-4 минути, да се поткрени нивото на содржината. Или, уште подобро е, да ја изматите посебно и потоа со миксерот се заедно да споите.

Содржината се истура во пластична кутија со капак и се остава во фрижидер најмалку 4 часа пред да се послужи. 




 ©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Сладолед од малини

 Овошен сладолед од малини 

Малку освежување во домашни услови на летните горештини. 

До лани малинките беа од дворче, а годинава не ги бидна. 




Состојки 

250 гр овошје (овде малини) 

250 гр шеќер

250 мл кисела павлака

200 мл слатка павлака 



 Подготовка 

Овошјето и шеќерот се пасираат со вилушка. Се додава киселата павлака и се меша убаво.

На страна се мати слатката павлака, која исто така можи да се замени и со 2 пакетчиња шлаг. 

И на крај сето заедно се меша со миксерот.

Се истура во сад и се остава да замрзни. 



 


©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Кунефе (Künefe)

 Кунефе (Künefe)

Künefe e турски десерт од кадаиф со фил од сирење. Сирењето, односно кашкавалот кој најчесто се користи за оваа сладурија е младо козјо и не многу солено, но секако заменски може и со друго сирење. Според мојот вкус и изборот на намирници кои ги има во моето опкружување, избрав да го направам со свежа моцарела и не згрешив, испадна одлична комбинација.

Рецептот е за мала доза, а тоа е така затоа што овој десерт се јади додека е топол, т.е. жежок, бидејќи кога ќе се олади веќе не е тоа тоа. Значи, најчесто се спрема во помали садови, а изборот колку ќе се зависи од луѓето.



Состојки 

100 гр кадаиф

60 гр путер или маргарин

80-100 гр моцарела

1 лажица мелени `фстаци

Шербет

120 гр шеќер          

200 мл вода

1 ванилин шеќер 



 Подготовка

Ставете го шербетот да се вари. Откако ќе зоврие, оставете го на мала температура на ринглата 10на мин да се вари и на крај додадете му ја ванилата. Исклучете го шпоретот, но не го тргајте садот од рингла за да се одржава шербетот топол.

 Во меѓувреме издробете го кадаифот ситно со рацете, а путерот стопете го. Измешајте ги убаво двете работи. 



Садот во кој ќе го печите за оваа доза треба да е околу 12на см. Премачкајте го со путер убаво насекаде, ставете половина од кадаифот така што убаво ќе го истегате (ако ви е полесно употребете чаша). Врз него ставете исечкана на парчиња моцарела сирење и над неа остатокот од кадаифот. Со вилушка убаво средете ги страните и израмнете насекаде. 



 Има два начини да се испечи. Најчесто тоа се прави на рингла по истиот принцип како што јас го сторив во рерна.

Рерната да е загреана на 190С. Се печи додека не порумени од горната страна. Потоа се вади и со помош на рамна чинија, како омлетот, се превртува од другата страна и се става да се допечи исто. 



Печениот кадаиф жежок се прелива со жешкиот шербет и се служи топол.



Лето, жешко, гази над 40С деновиве, па мој печат на овој традиционален турски десерт беше сладолед одозгора. И можам да ви кажам - одлична комбинација! 








©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.