Thursday, July 15, 2021

Кунефе (Künefe)

 Кунефе (Künefe)

Künefe e турски десерт од кадаиф со фил од сирење. Сирењето, односно кашкавалот кој најчесто се користи за оваа сладурија е младо козјо и не многу солено, но секако заменски може и со друго сирење. Според мојот вкус и изборот на намирници кои ги има во моето опкружување, избрав да го направам со свежа моцарела и не згрешив, испадна одлична комбинација.

Рецептот е за мала доза, а тоа е така затоа што овој десерт се јади додека е топол, т.е. жежок, бидејќи кога ќе се олади веќе не е тоа тоа. Значи, најчесто се спрема во помали садови, а изборот колку ќе се зависи од луѓето.



Состојки 

100 гр кадаиф

60 гр путер или маргарин

80-100 гр моцарела

1 лажица мелени `фстаци

Шербет

120 гр шеќер          

200 мл вода

1 ванилин шеќер 



 Подготовка

Ставете го шербетот да се вари. Откако ќе зоврие, оставете го на мала температура на ринглата 10на мин да се вари и на крај додадете му ја ванилата. Исклучете го шпоретот, но не го тргајте садот од рингла за да се одржава шербетот топол.

 Во меѓувреме издробете го кадаифот ситно со рацете, а путерот стопете го. Измешајте ги убаво двете работи. 



Садот во кој ќе го печите за оваа доза треба да е околу 12на см. Премачкајте го со путер убаво насекаде, ставете половина од кадаифот така што убаво ќе го истегате (ако ви е полесно употребете чаша). Врз него ставете исечкана на парчиња моцарела сирење и над неа остатокот од кадаифот. Со вилушка убаво средете ги страните и израмнете насекаде. 



 Има два начини да се испечи. Најчесто тоа се прави на рингла по истиот принцип како што јас го сторив во рерна.

Рерната да е загреана на 190С. Се печи додека не порумени од горната страна. Потоа се вади и со помош на рамна чинија, како омлетот, се превртува од другата страна и се става да се допечи исто. 



Печениот кадаиф жежок се прелива со жешкиот шербет и се служи топол.



Лето, жешко, гази над 40С деновиве, па мој печат на овој традиционален турски десерт беше сладолед одозгора. И можам да ви кажам - одлична комбинација! 








©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

No comments:

Post a Comment