Tuesday, July 13, 2021

Сармички од тиквички

 Сармички од тиквички 

Здраво! Одамна не сме се „чуле“. Жешко, тешко и милион степени ако не си на плажа :) 

А ова го меркам веќе цела седмица и клима дува, а печка печи и конечно се проба и тоа со друштво. Друштво рече „не можам да престанам да јадам, толку ми е вкусно“ 

Е, сега и една препорака за оние кои и не ги милуваат баш тиквичките. Луѓе мои, не се осеќа дека во тиквичка е ролано! Скептиците слободно нека пробаат. 

Јас пак, повеќе со модрите патлиџани имам мака, а како при крај ставив и неколку ролнички во модар, верувајте не се примети, па дури и повкусни. Секако, моја топла препорака е топло да се јади :) 




Состојки 

2-3  поголеми тиквички

Фил

150 гр булгур + 150 мл врела вода

300 гр мелено месо

1 мала главица ситно сечкан кромид

1 лажица густа доматна паста

1 чешне лук (пресовано)

Грст сечкан магдонос

Сол и зачини (црвена пипер, оригано, пимент, мешан сув зачин или по ваш избор)

Прелив

1 лажица густа доматна паста

400 мл вода

100 мл масло 



Подготовка 

Излупете ги тиквичките и со алатка за чупење вадете тенки ленти по должина.

Лентите посолете ги и оставете ги така да омекнат додека го спремате филот.

Во подлабок сад ставете го измиениот булгур и попарете го со водата. Оставете го така 10-15 минути.

Потоа во него додадете ги останатите состојки за фил и убаво измешајте ги да се соединат.

На секоја трака тиквичка се става по едно лажиче фил на почетокот и се витка во ролничка.

Ролничките се редат во тепсија едно до друго.



Во посебен сад ги мешаме состојките за преливот и со кутлача потураме секаде одозгора врз ролничките тиквички.

Печиме на 180С додека испари водата. 



Послужете со кисело млеко, кислеа павлака или јогурт. Секако, тука одлично се совпаѓа и таратур како прилог или одозгора. 


Јас овој пат користев амур наместо мелено месо, па намалив на минимум со зачините и прескокнав додавање на кромид и лук, иако можеше. 



Импровизација за додатоците секако е дозволена и секој нареден пат со нови вкусови. 



Мњам! :)




©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

No comments:

Post a Comment