Sunday, February 19, 2023

Ролат со јаболка

 Ролат со јаболка 

Како да ви го претставам ролатот и неговата вкусотија и мекост? Иако фотографиите се правени ноќно време, сепак, се надевам дека и тие ќе ви го доловат вкусот на ролат и печени јаболка. Меко, вкусно, само се јади :) 

А што е најинтересно не се замарате воопшто со филовање. Овде оди се во едно. Единствен напор ќе ви е само сечкањето и матењето. За среќа, јас ја користев алатката за сечкање на Делимано, па тој дел одеше многу полесно. 



Состојки:

За тесто:

4 големи јајца

120 гр шеќер

1 ванилин шеќер

4 лажици ладна вода

1 прашок за печење

120 гр брашно

Уште:

4 големи јаболка

Сок од половина лимон или еден мал

1-2 ќесички цимет 



 

Подготовка: 

Излупете ги јаболката, пресечете ги на половина или четвртинки и потоа исечкајте ги на тенки ливчиња од околу 2 мм.

Измешајте ги во сокот од лимон за да не отемнат и тргнете ги на страна додека го работите тестото.

Изматете ги најпрво белките со малку сол во цврст снег и оставете ги на страна. Местото каде што ќе стојат се препорачува да не е многу топло. 




Во друг сад за матење изматете ги жолчките со шеќерот до згуснување и побелување. Во меѓувреме можите да го додадете и ванила шеќерот.

Сега додадете ја водата, лажица по лажица, при што за секоја ќе матите по околу 1 минута.

На крај додадете го просеано брашното и прашокот за печење. Соединете со најмала брзина на миксерот.

Сега, со шпатула и внимателно кружно мешање од горе на долу вмешајте ги белките со додавање во неколку наврати.

Обложете го со пек-хартија плехот од шпоретот.

Врз него наредете ги скалесто парчињата јаболка, само малку да се преклопуваат. Поросете ги со цимет по ваш вкус.

Врз јаболката истурете ја смесата и израмнете насекаде. 

Печете во загреана рерна на 180С, 15-20 минути. 



Печената кора покријте ја со пацета и оставете ја 10на минути. Потоа извадете ја од плехот превртена врз пацетата или ако сакате друга пек-хартија и внимателно завиткајте ја во ролат.

Оставете барем еден час на ладно да се стегни пред да уживате во вкусните парчиња. 


По желба можите да го поросите ролатот со шеќер во прав. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт.