Sunday, July 17, 2022

Печен чизкејк со јаготки

 Печен чизкејк со јаготки 

За мене најдобриот чизкејк е печениот чизкејк, овој е лу-ди-ло! Прва згодна прилика морате да го пробате! 


Состојки 

За подлога 

180 гр мелени бисквити

100 гр стопен путер

Чиз смеса

3 јајца

130 гр шеќер

1 лимон шеќер

1 ванилин шеќер

100 гр рикота или несолена изварка

250 гр маскарпоне

250 гр овошен јогурт од јаготки

70 гр брашно

Топинг

250 гр јаготки

Сок од еден лимон

4 лажици шеќер

 




Подготовка

Најпрво се спрема подлогата, така што се мешаат бисквитите и путерот како „жив песок“ и се натапкуваат на дно на калап со откопчување бр 24.

Се остава во фрижидер додека се спрема чиз смесата.

Белките се матат во цврст снеги се тргаат на страна.

Жолчките се матат до згуснување заедно со шеќерите.

Им се додаваат овошниот јогурт, маскарпонето и рикотата и штом се изедначи на крај и брашното.

Смесата се истура врз подлогата и се става да се печи во загреана рерна 160-165С  околу 55 минути. 



Откако ќе се изгаси рерната се остава да седи уште 10на минути во неа.

Јаготките се сечкаат на парчиња се полеваат со сокот од лимон и им се додава шеќерот. Се варат околу 5-6 минути на средна температура и се оставаат да подоладат, па се тураат врз печениот чизкејк.

Тортата се остава убаво да олади пред служење.  







©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 


Saturday, July 9, 2022

Васина торта

 Васина торта 

Мој кувар и советник

1952 Народна књига Београд 




Не се сеќавам дали воопшто како мала сум ја пробала оваа популарна класика која оваа година гледам повторно е често правен десерт. Значи, за мене е прв пат. Решив дека е редно и јас да ја пробам, но како со тек на време се вршеле варијации, оригиналниот рецепт е оној кој е најтраган. Така, пред неколку месеци мојата пријателка Рози го сподели рецептот од нејзиниот кувар книга издаден некогашната 1952, што значи уште пред моето време, па претпоставувам дека овде го доловуваме оригиналот на Кралицата на тортите.

Би ви ја препорачала оваа торта во зима заради јајцата во филот, но не би се осмелила сепак. Верувајте, толку е вкусна што прашање е дали ќе прележи една ноќ во фрижидерот. 



Состојки 

За тесто

5 белки

5 жолчки

5 лажици шеќер

1 лажица брашно

6 лажици мелени бадеми (околу 80гр)

 Фил

125 мл млеко

2-3 лажици шеќер

200 гр мелени ореви

4 жолчки

4 лажици  шеќер

1 портокал

3 штангли чоколадо (60 гр)

150 гр маслац или путер

Шам

4 белки

250 гр шеќер

250 мл вода

 


Подготовка

Изматете ги белките со прстофат сол.

Во дру сад изматете ги кремасто и густо жолчките и шеќерот.

Потоа додадете ги брашното и мелените бадеми миксирајќи со најмалата брзина на миксерот и на крај, рачно измешајте го снегот од белките.

Ставете ја тортата во калап бр 26 претходно намрсен и посипан со брашно и печете на 160С околу половина час (проверете со чечкалица)

Млекото со шеќерот и оревите ставете го на средна температура на рингла и мешајте додека не испуштат арома оревите. Потоа тргнете го на страна да се лади.

Посебно изматете ги жолчките со шеќерот до убава крем структура и измешајте ги со оладените ореви (тука е постапката опишана со живи жолчки, но ако стравувате дека не ви се свежи јајцата, тогаш слободно изматете ги на пареа).

Во филот додадете ја кората и сокот од портокалот и стопеното чоколадо за готвење.

Посебно изматете го маслацот/путерот и додадете го во филот.

Со овој фил се премачкува кексот одозгора.



Водата и шеќерот за шамот ставете ги да вријат малку погусто отколку за слатко.

Во меѓувреме започнете да ги матите белките. Кога ќе станат снег и шербетот ја достигнал густината, така врел пополека со матење додавајте го во снегот од белки, при што претходно садот ќе го сместите врз друг сад и ќе го работите овој процес на пареа. Кога ќе го дотурите шербетот, тргнете го садот од пареа и матете додека шамот не олади.

Со него премачкајте врз филот со ореви и украсете со свежи или зашаќерено овошје, перли или било што по ваша желба. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 

Wednesday, June 15, 2022

Сочен чоколаден колач со афион и јаболко (без брашно)

 Сочен чоколаден колач со афион и јаболко 

(без брашно) 

Сакам да ви претставам еден прекрасен колач кој уште кога ќе го видите со око ќе го посакате, а кога ќе видите по составот дека ни ронкашт брашно нема во него ќе ви стани уште попримамлив покрај сочната и чоколадна структура што ја има...па уште ако сте љубители на афион...охохооо 



Состојки

За колачот

6 јајца

150 гр кафеав шеќер

250 гр чоколадо за готвење

150 гр путер

1 поголемо јаболко

200 гр мелен афион

За глазурата

130 гр чоколадо за готвење

30 гр путер

3 лажици масло

Уште

4-5 лажици мармалад од шипка или некој друг од киселкасто овошје (овде кај мене, од малини)

 


Подготовка

Стопете ги путерот и чоколадото на пареа и оставете да се ладат со повремено мешање. 



Белките со прстофат сол изматете ги во цврст снег.

Во друг сад за матење, изматете ги убаво жолчките со шеќерот.

Додадете им го оладеното стопено чоколадо со путер, мелениот афион и јаболкото изрендано на ситниот дел на рендето.

На крај, со шпатула и кружни движења измешајте ги белките. 



Смесата истурете ја во намрсена и обложена со пек-хартија тава бр 26 и печете ја на 180С околу 25 минути.

Печениот колач  премачкајте го со мармаладот, а потоа стопете ги состојките за глазурата и прелијте ја врз него. 

Одозгора украсете по желба.

  




За крај, еден поздрав од мојот град, Офицерски дом, Битола 



©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт. 

Monday, June 13, 2022

Млад компир во ќофте

 Млад компир во ќофте 

Уште еден вкусен предлог за ручек. Побрзајте да го пробате додека има млади и поситни компири, не дека и со другите не ќе го бива, но се знае кое е послатко, нели? 



Состојки 

Околу 600 гр поситни млади компири (кај мене 15-16 на број)

3 ловоров лист

5 гр црн бибер во зрна

За меленото месо

500 гр мелено месо

1 главица кромид

1 јајце

1 лажица сув зачин

1 лажиче прованса зачин

По вкус црн бибер со лук во прав и пимент

3 лажици густо доматно пире

Грст ситно сечкан магдонос (или копар)

1 лажица презла

Прелив

100 мл млеко

2 полни лажици кајмак

Грст ситно сечкан магдонос или копар

1 лажиче чаден црвен пипер

1 лажиче црн бибер

½ лажиче сол

Уште

150 гр рендан кашкавал

 


Подготовка

Ставете го компирите со ловоровиот лист и биберот во зрно да се сварат 13на минути. На 3 минути пред крај посолете. Исцедете ги и оставете да оладат. 



Во друг сад спремете го меленото месо со наведените состојки, така што кромидот претходно ќе го изрендате. Измесете убаво и оставете во фрижидер додека се сварат и оладат компирите.



Земете едно топче од меленото месо и расплескајте го на дланката, па во него ставете едедн варен компир и обмотајте го со месото наоколу насекаде. Обликувајте со рацете да е топчесто и наредете во намрсена тава вр 24. Доколку сте свариле повеќе компири, а не ви стасала смесата за мелено месо, слободно ставете ги без него и тие исто така во неа.



Изматете ги состојките за преливот и со лажица најпрво прелијте врз секое топче во тавата, па на крај внимателно прелијте додека се потроши.



Тавата покријте ја со капак или алу фолија и ставете да се печи на 180С 35-40 минути. Потоа извадете ја фолијата/капакот и печете уште 10 минути. Ставете рендан кашкавал врз секое топче и вратете во рерна уште 10на минути. 




И за крај, поздрав од денот убав 



©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт.


Пастицио (Παστίτσιο)

 Пастицио (Παστίτσιο) 

Се смета за грчки специјалитет, невообичаено за нашата кујна е што се додава цимет во делот со мелено месо и тоа го прави со посеен шмек. Поробајте, многу пријатно ќе се изненадите. Нека не ве плашат состојките, лесно се спрема, само садовите за миење ќе останат :) 


Состојки

За меленото месо

4 лажици маслиново масло

1 лажиче шеќер

2 главици кромид

Свеж тимијан (мајчина душица) или 1 лажиче сушен

1 чешне лук

2 лажици густо  доматно пире

750 гр мелено говетско месо

100 мл црно или црвено вино

2 домати (400 гр)

1 лажиче цимет

2 коцки за супа

2 ловоров лист

1/2 киска и повеќе сечкан магдонос 

1 лажиче сол

За бешамел

100 гр путер

100 гр брашно

1 литар млеко

½ лажиче рендано морско оревче

Сол и црн бибер

100 гр рендан кашкавал

3 жолчки 

 За тестенините

300-350 гр перфорирани шпагети или макарони

200 гр фета сирење

2 јајца

½ киска магднонос

30 мл маслиново масло

Ситно сечкан тимијан 

50 гр рендан кашкавал за одозгора

 

Подготовка 



Сварете ги тестенините.

Во тава на рингла ставете масло и ситно сечканиот кромид со шеќерот и 2-3 гранчиња тимијан. Пржете да се карамелизира кромидот. Потоа додадете го лукчето ситно исечкано и по минута пирето од домати. Пржете го уште 2 минути.

Додадете го меленото месо да се запржи. Потоа налејте го виното и кога ќе се соедини додадете ги и доматите, коцките за супа, циметот и ловоровиот лист и посолете.

Јас имав само половина кг мелено месо, па овде додадов една голема главица кромид и 2 помали домати. Немав свеж тимијан, па користев сув. Исто така имав доматен сос кој не беше паста, па најпрво додадов малку повеќе од дозата и чекав да испари течноста за да го постигнам до некаде ефектот. 



Кога сето ќе се соедини, тргаме од рингла, ги вадиме ловоровите листови и додаваме ситно сечкан магдонос.

Во тенџерче на рингла го топиме путерот и во него го додаваме брашното кое со мешање го пржиме минута до две, па го додаваме  во 2-3 наврати со мешање млекото. Треба да се добие кремаста структура.

Тргаме од рингла, посолуваме, додаваме ббиер и морско оревче и ренданиот кашкавал. Се убаво се меша да се соедини. 



Во тестенините го дробиме сирењето и ги додаваме останатите состојки, мешаме и ги распоредуваме рамномерно во намрсена тава 25х35 (кај мене 20х30).

Од бешамелот земаме една кутлача и ја додаваме во меленото место (јас оваа постапка ја заборавив, ама уживањето сепак воопшто не ни беше скратено) и го распоредуваме врз тестенините. Над нив го истураме бешамелот и одозгора поросуваме рендан кашкавал. 



Печиме на 180С 40 минути (кај мене е силна рерната, па намалив малку на време и 10С температура) и кога е готово уживаме во вкусот. Секако, најфино е кога ќе се навали на топло, но пресекот доаѓа до израз најдобро кога ќе олади : ) 

Жалам што пресекот не го доловив поубаво на готографиите. Бевме сите гладни и нестрпливи на примамливата арома. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт.



Monday, April 18, 2022

Грчки козињак – Τσουρεκι

 Грчки козињак – Τσουρεκι 

Ние не сме мераклии по благите теста, па затоа и до сега никогаш не сум пројавила интерес да направам козињак... се до сега кога случајно го добив овој рецепт од мојата група по грчки јазик и поттикната од зачините, се решив. Многу успешно, миризливо, вкусно и не баш како оние козињаци кои ме одбивале до сега... или можеби така мислам дека овој јас сама си го направив, хммм... 

#велигден #стопвојна #мирвосветот


Состојки 

За стартер 

150 мл млака вода

1 свеж квасец

1 лажица шеќер

100 гр брашно

Тесто 

700 гр брашно

250 гр шеќер

150 мл вода

2 јајца

2 гр мастика (кристали) {4-5 зрна}

1 лажица махлеп {1 пакетче}

½ лажица кардамом {1 пакетче}

Кора од 1 портокал {1 портокал шеќер}

1 ванила во прав (1 капсула)

 ½ лажиче сол

130 гр стопен и оладен путер

За одозгора 

1 мало јајце

Сусам, листови бадем

Шербет: 4 лажици шеќер + 1 лажица вода

 


Подготовка 

Најпрво го спремаме стартерот, така што сите состојки ги ставаме заедно и ги мешаме до изедначување со помош на жица.

Покриваме и оставаме околу 30-45 минути на топло да се активира.

Потоа во водата го додаваме шеќерот и загреваме додека се стопи, па оставаме да се излади до млако.

Во меѓувреме изрендајте кора од портокал (јас користев портокал шеќер наместо неа) и издробете ја во прав мастиката.

Друг начин е да ги ставите сите зачини заедно (освен кората од портокал) со шеќерот во мелница и да ги измелите до прав. Ако тоа решите да го направите, тогаш следниот чекор со водата нема да ви треба.

Во длабок сад за месење ставаме мал дел од брашното, па ги додаваме претходно разбиените јајца, стартерот и зачините и мешаме.

Потоа ја додаваме солта и постепено остатокот од брашно додека не оформиме тесто. (Во зависност од големината на јајцата и самата влажност на брашното да ви треба можеби околу 100на гр плус, само не претерувајте.) 



Откако ќе го измесиме тестото, на крај додаваме постепено по малку од стопениот путер кој ни е оладен на собна температура и месиме при секое додавање тестото да го впие. Додавајте го на повеќе пати за месењето да трае подолго.

Готовото тесто ставете го во садот и покријте го убаво да стои на топло час и половина, додека се дуплира.

Дуплираното тесто благо со рацете го оформуваме без многу да го притискаме и го делиме на 6 дела.

Секој се сучи во ваљак и од три такви ваљаци правиме плетенка.

Доколку сакате да додадете мармалад или крем, или било какви додатоци во тестото (кај мене е линолада), секој ваљак поминете го со сукало, ставете од материјалите по желба и затворете го.

Плетените теста ставете ги во тава за печење пртходно обложена со хартија или во засебни помали калапи, покријте ги и и оставете ги повторно да нарастат.

Премачкајте го со разматено јајце и поросете го со сусам или листови бадем.

Ставете го козињакот да се печи во загреана рерна на 200С и веднаш намалете ја на 160-170С.

Откако ќе зарумени одозгора покријте со фолија и оставете го да се печи еден час. Јас печев на 160С час и пол и плус го оставив во исклучена рерна уште малку. 



10на минути пред да го извадите козињакот премачкајте го со шербетот од вода и шеќер. Доколку не ставите ништо одозгора стопете го шербетот со варење и долго мешање во густ сируп, а доколку сакате шеќерен ефект, како кај мене на сечениот козињак на сликата, тогаш само мешајте ја содржината ладна. Ова ќе му дојди како некоја замена за гранулите шеќер што се ставаат на козињаците. (Овој чекор можи и да го прескокните). 



Испечениот козињак по овој рецепт е многу мек, но доколку сакате да е уште помек во кората, тогаш кога ќе го извадите од рерна веднаш премачкајте го со путер или маргарин.

15на минути извадете го од садот за печење и ставете го на решетка да излади.  






©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт.


Thursday, March 3, 2022

Ролат со комири и мелено месо

Ролат со комири и мелено месо  

Основата  е компир, а филот мелено месо. Комбинација „прсти да си излижиш“ . 

Изгледа сложено, но всушност, многу едноставно и лесно се спрема, а тоа е така затоа што термичката обработка му е само печење. 

Морате да го пробате! 

#стопвојна #мирвосветот



Состојки

За компир кората  

6 средни компири

1 главица кромид

3-4 чешниња лук

2 големи јајца

3 лажици кисела павлака

3 лажици брашно

½ лажиче пециво

1 лажица сечкан магдонос

Сув зачин, бибер, прованса зачин

За филот со мелено месо

400 гр мелено месо

1 главица кромид

1 јајце

1 лажица сечкан магдонос

Сув зачин, бибер, прованса зачин

½ лажиче пециво

 


Подготовка

Изрендајте ги компирите, а кромидот и лукот поминете ги во сецко.

Ставете ги сите состојки во еден сад и измешајте ги убаво.

Смесата истурете и израмнете ја во плех од шпоретот претходно обложен со пек-хартија, која ако е посна малку со четче можи да е намрсена за полесно вадење на кората.

Печете на 200 степени околу 25 минути.

Печената кора заедно со се хартијата завиткајте ја во ролна откако ќе отчади.

Спремете го филот од мелено месо со тоа што ќе ги измешате сите состојки од кои кромидот исто така ќе го исечкате го сецко.

Премачкајте ја печената кора со филот насекаде и заролајте ја.

Вратете ја во плехот и печете на 180С околу 40на минути. 



Готовиот ролат можи да го оставите така клод или да го  премачкате со кисела павлака и украсите по желба. 





©Фотографиите се авторски. Забрането е нивно преземање без согласност на авоторт.