Wednesday, April 7, 2021

Торта Капрезе

 Торта Капрезе 

Во далечната 1920 година на италијанскиот остров Капри на готвачот Кармин Ди Фјоре му било наредено да спреми торта за тројца американци. Кога чул дека во прашање се мафијаши на Ал Капоне, готвачот толку испаничил што заборавил да стави брашно во тортата. Тоа, секако, не смеел да го кажи и ја послужил таква каква што била. Мафијашите се воодушевиле од вкусот. Така, оваа торта со грешка стана една од најпознатите торти во Италија. 


Потребно 

5 јајца

200 гр шеќер

200 гр путер

200 гр чоколадо со висок процент на какао

250 гр бадеми

1 ванилин шеќер

½ филџан рум

Прст сол


Подготовка 

Бадемите потпечете ги и сомелете ги крупно.

Чоколадото и путерот стопете ги. Мешајте повремено додека се ладат да не се направи кора.

Оддвојте ги белките и жолчките.

Белките изматете ги цврсто со прстофат сол.

Жолчките со шеќерот и ванилата се матат додека згуснат.

Се додаваат стопените путер и чоколадо и се мати со намалена брзина додека убаво и цврсто се соединат.

Се додава на крај и румот да се соедини.

Бадемите ги додаваме рачно. Мешаме со шпатула.

На крај полека и постепено го додаваме снегот од белки, мешајќи едносмерно за да се задржи воздухот.



Намастете калап на откопчување 24 со путер насекаде, а на дното ставете и пек хартија. Истурете ја смесата за торта во него и печете ја на 170С 40 минути. Имајте во предвид дека оваа торта во средината останува влажна. Тестот со чечкалица овде можи да го замените со благо притискање на кората и осет на раката дали е печена тортата. Всушност, на оваа температура и време е доволно да се печи тортата. Доколку сметате дека рерната ви се послаба, продолжете уште 5-10 мин. Печење и/или завршете со тоа што ќе ја оставите некое време во исклучена рерна.



Печената торта откако ќе излади наросете ја со шеќер во прав.

Оваа торта не трпи друга декорација, шеќерот во прав комплетно ја надополнува нејзината фантастична арома. 


Предлагам, ако сакате румот да го замените со некој ликер или да го разредите со вода ако не сакате да имате во почетокот негов јак интензитет. 

Јачината на тортата се осеќа и од чоколадото со висок процент и одлична е кога сето тоа ќе се надополни со ситно крцкавите бадеми. 

Мене другиот ден супер ми одеше во комбинација со инстант ванила пудинг ммм...




 ©Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.



Мека солена кростата

 Мека солена кростата 

Неделава „патуваме“ во Италија 

По правило, кростата се прави од ронливо тесто, како францускиот тарт, но, кога ќе ја замешаме „црногорската“, тогаш кростатата ќе е мека, побрза и полесна за спремање :) 


Потребно 

За тесто 

3 јајца

100 мл млеко

100 мл масло

180 гр брашно

1 пециво

1 рамно лажиче сол

 За фил 

250 гр крем сирење

1 домат или неколку шери доматчиња

3-4 парчиња моцарела

Мал грст валеријана или босилек

½ лажиче италијански зачин 




Подготовка 

Изматете ги густо јајцата. Намалете ја брзината на миксерот и постепено додавајте ги течните состојки, па пецивото и брашното измешано со солта.

Намастете калап за кростата и набрашнете го, па истурете ја смесата во него.

Печете 20-30 мин на 160 С.

Извадете ја печената кростата од калапот на решетка кога малку ќе подолади и оставете ја да излади убаво.

Потоа премачкајте ја со крем сирењето и врз него наредете доматчиња, листови валеријана или босилек, моцарела и по некое маслинче. Поросете одозгора со италијански зачин и малку сол врз доматите. 




* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Каноли Сицилијани (Cannoli Siciliani)

 

Каноли Сицилијани (Cannoli Siciliani)

Деновиве „патуваме“ во Италија. Овој пат, на Сицилија. Ќе се послужиме со нивниот популарен десерт Сицилијански Каноли, со крцкава кора со мирис на цимет и мека полнетица од нивната прочуена рикота со вкус на портокал и по некое чоколадно зрно. Финишот го прават мелениот `фстак и канираното овошје. Кај мене се цреши, но кандиран портокал би било она вистинското. 



Потребно 

За тесто

250 гр брашно

15 гр шеќер

½ лажиче цимет

¼  лажиче сол

30 гр путер

1 големо јајце

75 мл марсала вино



За фил

700 гр рикота

9 лажици шеќер во прав

6 лажици густа слатка павлака

Рендана кора од 1 портокал

2 портокал шеќер 



Подготовка 

Од состојките за тесто најпрво се мешаат сувите, па потоа во нив се трие путерот, па се додава јајцето и на крај виното.

Кај нас нема марсала вино, па замена би било некое миризливо сортно вино. Како јас немав такво во мометнот, решив да измешам 60/40 бурбон/вода за милилитражата која беше потребна во рецептот и испадна одлично!

Тестото расплескајте го и ставете го во најлонска фолија да отстои еден час во фрижидер.

Потоа расукајте го тенко на набрашнета површина и со голем кружен калап сечете кругови.

Секој круг со сукало развлечете го малку овално и на долгата страна поставете лимен цилиндричен калап. Краевите треба да се соединат преку калапот, а за тоа да е совршено, се прави така што едниот крај се мачка со малку белка на местото каде ќе преклопува другиот крај. Потоа само нежно со раката изролајте го калапчето на масата за убаво да се соедини. Внимавајте да не мачкате отповеќе со белката, бидејќи ќе имате потешкотија да го истргате калапот од канолата. 



Вака спременото тесто се пржи во загреано длабоко масло кратко време (се познава одма од око) и се одложива врз хартиена салфета. Совет: пржете ги прво од превитканата страна за да не се криват многу.

Кога ќе подизладат малку калапите се тргаат.

Пржените каноли можи да ги филовате веднаш откако ќе изладат или да ги чувате во добро затворена кутија до филовање.

Всушност, добар совет е да ги филовате непосредно пред служење, па така, ако мислите дека нема да се изедат сите тој ден, оставете нефиловани до следната прилика. 



Филот е основа од рикота сирење. Доколку не можите да најдите рикота, употребете несолена изварка/урда.

Сирењето мора да отстои ем половина час на цедилка во фрижидер да излези вишокот течност или едноставно да го ставите во газа и да го истегате. Моето, беше толку убаво суво што немаше потреба од тоа (а тоа е многу ретко).

Потоа се додаваат останатите состојки за фил и се миксираат до убав густ крем.

Кремот се става во шприц со широк отвор и од двете страни се полнат канолите.

На крај, украсете ги со мелени `фстаци и канирано овошје. 



* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт. 



Friday, March 26, 2021

Чоко - локум ролат со лешници

 Чоко - локум ролат со лешници 


Ролатов е многу едноставен а неодоливо вкусен. Се спрема за многу кратко време и исто така за кратко време откако ќе отстои во фрижидер веќе е спремен за сечење, иако јас не успеав да дочекам ни малку. 



Состојки 

За белиот дел

150 гр мек локум

150 гр шеќер во прав

1 лажица омекнат маргарин

За црниот дел

100 гр чоколадо за готвење

100 гр потпечени ситно сечкани лешници 


Подготовка 

Препорачливо е сите состојки да се на собна температура. Ова важи за белиот дел, за да се измеси тестото без поблем. Всушност, многу лесно и компактно се добива една убава еластична маса.
Значи, од состојките за белиот дел се заедно месиме.

 Потоа врз најлонска фолија или пек хартија одоздола и одозгора (одозгора и не мора ако не сакате, не се лепи така лесно) израмнете го во правоаголник со помош на сукалка.

 Чоколадото стопете го и со него премачкајте го белиот дел, а врз него наросете од крупно мелените лешници.

 


Со помош на фолијата завиткајте во ролат и оставете го во фрижидер барем половина час. Јас бев нестрплива и го исеков за нецели 10 минути. 



* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Оброк палента

 Оброк палента 

Се трудам полека да ја внесам палентата во менито на моите домашни. И секако, на ретко постепено ја внесувам, а секогаш имам дежа ву со најавата. 

-Што има за јадење? 
-Палента 
-Што е тоа палента? 

Засега успева. Пола јадеа, пола среќа што заскитале па не сакаат да пробаат. 
Ама има време, пак ќе дојдиме до дежа ву прашањето - Што е тоа палента? :)



Состојки 

900 мл вода

200 гр инстант палента

1 лажиче сол

20 гр путер

2 лажици кисела павлака

150 гр сирење

100 гр кашкавал

За сервирањето уште 

ајвар, млад кромид, маслинки за сервирање 



Подготовка 

Ставете ја водата и солта да зовријат, па полека со мешање додадете ја палентата и мешајте на потивок оган 2 минути.

Додадете го путерот и откако ќе измешате исто така и павлаката. Павлаката ќе му дај кремаст иглед на палентата.

Потоа издробете го сирењето и изрендајте го ашкавалот и измешајте ги.

Ставете ја палентата во намрсен калап и за кратко превртете ја на рамна чинија.

Одозгора сервирајте со ајвар, маслинки и перца од млад кромид.


* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.



Полнети тиквички со мелено месо и бешамел

 Полнети тиквички со мелено месо и бешамел 

За прв пат во локалниот маркет зачекав тиквички со ваков облик и морав да ги пробам :) 

Еве како се искреира ручекот - 


Состојки 

4 топчести тиквички

0,5 кг мелено месо

1 поголем компир

1 кромид

1 рамна лажица вегета

1 лажиче чаден пипер

1 лажиче италијански зачини

½ лажиче пимент

200 мл готов бешамел

1/3 лажиче лук во прав

 


Подготовка 

Издлабете ги тиквичките откако ќе ја засечите дршката.

Семките фрлете ги, а месото длабете го колку можите до потекни ѕидови.

Месото од тиквичките исечкајте го ситно. Исто и кромидот, а компирот изрендајте го.

Во нелеплива тава со масло ставете ги заедно и пржете ги додека омекнат.

Додадете го пиперот, па меленото месо и малку покасно зачините.

Пржете додека се испжи месото, т.е. испари течноста од него, па додадете го бешамелот. Мешајте и допржете додека се убаво се соедини и добие кремаста густина.

 


Полнете ги тиквичките со филот и затворете ги со отсечената дршка.

Ставете ги во намастена тава и полејте во неа 1 чаша вода.

Во тавата покрај тиквичките можи да ставите и некој прилог кон јадењето, како потенко исечени компири, прокељ и морков.


Печете во загреана рерна на 200С 



*Доколку ви остани малку од филот, можи да го додадете во тавата или пак да го принесете откако ќе го сервирате јадењето, како додаток на некој погледен J




* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.


Wednesday, March 24, 2021

Чиа пудинг со банана

Чиа пудинг со банана 


Состојки 

1 банана

1 лажица чиа

1 лажиче мед

90 мл јогурт

Малку ореви и шлаг 



Подготовка 

Испасирајте ја бананата и потоа измешајте ја кашата со медот.

Додадете ги јогуртот и чиата, измешајте убаво.

Истурете ја смесата во чаша и покријте ја сокапак или, стреч или алу фолија .

Оставете ја во фрижидер преку ноќ.

Издробете ореви, ставете шлаг и над него повторно ореви.

Послужете за појадок.



 

* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.


Пудинг со желирано овошје

 Пудинг десерт со желирано овошје 

Едноставно, а мнооогу вкусно! 



Состојки 

1 литар млеко

2 пудинзи од ванила

6 лажици шеќер

10на јаготки

2-3 киви

2 портокали

300 мл вода

25 гр желатин

1 лажица шеќер

1 ванила

10на цимет карамел бисквити


Подготовка 

Сварете го пудингот со млекото и шеќерот вообичаено.

Во чаши издробете по една до две бисквити зависно од ширината на дното.

Врз нив турете од сварениот пудинг полнејќи 2/3 од нивната зафатнина.

Исечјакте го овошјето и распоредете го врз пудингот.



Додека се спрема пудингот, желатинот растворете го во вода спрема упатството.

Загрејте ја водата до вриење, додадете ги шеќерите и здрвениот желатин и мешајте да се раствори.

Истурете врз овошјето. *За да нема пена, турајте го полека низ цедилка.

Почекајте да излади и ставете го во фрижидер неколку часа. 



* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Tuesday, March 23, 2021

Бомбици со сусам и локум

 Бомбици со сусам и локум 

Основата е стар рецепт, а изведбата и печатот се моја инспирација од моментот. 



Состојки 

200 гр локум

200 гр потпечен сусам

100 гр шеќер во прав

Сок од еден лимон

Јатки ореви за украсување 


Подготовка 

Локумот се сечка и се меси со сусамот, шеќерот во прав и сокот од лимон до компактна смеса.

Со влажни раце се обликуваат бомбици и одозгора врз секоја бобица се втиснува јатка орев.

Се оставаат врз рамна чинија да се просушат 2-3 часа пред да ги сладирате во кутија или наредите во хатриени корпиња. 


* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.

Бротшен (Brötchen)

 Бротшен (Brötchen)

Прочуените германски лепчиња конечно во моја изработка. Од надвор крцкави, од внатре меки памук. Толку ги сакам што еднаш кога бев Германија на шетање единствено нешто што донесов со мене и тоа во рачен багаж беа 4 вакви Бротшен :))) 

Малку има тинтрање ама вреди за денот што ќе се помини со нив.

 Моето искуство со сувиот квасец е запрепастувачко кога се работи за тесто, па како и така една половинка свеж мораше да се искористи, користев свеж. Иначе, изворниот рецепт вели сув.



Состојки

7 гр сув квасец или ½ свеж

1 лажица шеќер

375 мл млака вода

500 гр брашно  

10 гр сол


Подготовка

Значи, во садот за месење се истура 300 мл млака вода, се става шеќерот и се рони квасецот. Се меша убаво и се покрива со стреч-фолија да надојди квасецот 15 минути.

Потоа се додава останатата вода и половина од брашното (250 гр) и убаво се меша со помош на дрвена лажица.

Повторно се покрива со фолијата и се остава еден час тестото да нарасне и да се формираат многу дупчиња и шуплини.

 


Потоа се додава солта и останатото брашно и повторно се меша со лажица додека се соедини, па на многу малку набрашнета работна површина се истура и се меси со помош на шпатула на почетокот. Бидејќи е многу лепливо во почетокот се додава многу по малку брашно и со алатката се меси од надвор кон внатрешноста. Чинам дека можеби овде и миксер би завршил работа (ќе пробам следниот пат).

Тестото откако ќе се помачите во почетокот полека, полека ќе почни да си ја зазема формата. Тогаш е потребно да се меси 10на минути при што повремено можи и да го удирате силно од работната површина.

 Кога е готово, се враќа во садот во кој се месеше претходно намрсен со масло, а потоа и тестото насекаде околу. Се покрива повторно со стреч фолија и се остава уште еден час.

 Рерната ја пуштаме да се загрее на 230С.

 Тестото потоа благо се размесува и се дели на 12 дела или можи да си ги мерите парчињата да ви тежат 60, 80 гр.

 Секое делче се обликува во топче. Топчето прво го расплескуваме со раце како за кифла без многу да ги гмечиме краевите и потоа го роламе како кифла, при што на секое виткање краевите ги пикаме на внатре за да се добие обликот кој е потребен.

 Оформеното лепче го дотеруваме малку, па така сите ги редиме во плех оддалечени меѓу себе.  Ги покриваме да не се сушат.

 По 10 минути, во рерната на најдолната решетка ставаме плех.

Доколку немате уште еден плех, решетка и сл, тогаш ставете некоја тепсија на дното на рерната.

 По 5 мин ставете жешка вода во плехот.

 Лепчињата по правило треба да се прскаат со пумпица со вода, но како немав време да се снаоѓам со таа опција, јас ги премачкував со четка. Со неа 2 пати прснав и општо насекаде. 


Ги ставаме во рерна да се печат.

 По 10 минути се отвора рерната и повторно се мачкаат со вода, а плехот се завртува.

Се печат уште 10 минути, се вадат и не се покриваат со ништо.

 Добро е да ги искористите истиот ден. Доколку пак мора да преноќат, тогаш чувајте ги во хартиена ќеса за да се задржи она кое ги прави такви какви што се. 





* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.


Monday, March 22, 2021

Бушави чајни колачиња

 Бушави чајни колачиња 

Кога е хитна работата за десерт - брзо, едноставно и многу вкусно. 





Состојки 

250 мл млеко,

2 лажици шеќер,

1 ванилин шеќер,

30 гр чоколадо за готвење,

30 гр путер,

2 лажици Нутела

Уште

По потреба чајни колачиња

По потреба кокос

По потреба Нутела



Подготовка 
Сите наведени состојки се ставаат во помал огноотпорен сад и се загреваат до вриење. Во меѓувреме се меша да се соединат и стопат заедно.


 

Се трга од рингла и се става од чајните колачиња кои се вадат по 2 минути.

Се лепат по две со нутела и се валкаат во кокос.

Во средината се дополнува со Нутела. 





Sunday, March 21, 2021

Брз појадок со тортиљи

 Брз појадок со тортиљи 

Се спрема многу брзо, потребребно е само да имате нелеплива тава со капак и секако добар апетит за јадење. Ќе ве плени со вкусот кој го дотерав неодоливо да потсетува на пица. 




Потребно 

4 големи тортиљи

3 јајца

1 домат

220 гр шункарица

180-200 гр кашкавал

Сол, пимент, италијански зачини 



Подготовка 

Со вилушка изматете ги јајцата, посолете и додадете малку пимент или црн бибер. Јас биберот го заменувам со пимент заради иритација во желудникот.

Кашкавалот изрендајте го, а шункарицата да е исечена на тенки кругови. И доматот исечкајте го на потенки кругови.

Ќе ви треба нелеплива тава за оваа вкусотија која ќе ја премачкате со путер и над него ќе ставите малку помалку од половина од матените јајца. Извртете ја тавата насекаде по дното да има.

Врз нив ставете една тортиља, а врз неа наредете шункарица и посипете со ренданиот кашкавал и италијанскиот зачин, па поклопете со иште една тортиља.

Врз таа тортиља наредете ги круговите домати и посипете ги со рендан кашкавал и италијанскиот зачин. Поклопете со тортиља врз која ќе наредите исто како првиот пат со шункарицата и завршете повторно со тортиља.

Врз неа распоредете го остатокот од разматените јајца насекаде.



Поклопете ја тавата со капак и ставете ја на загреана рингла на ниска температура. Кај мене од 9 можни, се печеше на 5ка.





По правило треба така да се печи 5 минути, но јас секогаш пролонгирам. Всушност се водам на мирисот. Кога ќе ми замириса на печено (не на изгорено хаха) се отвора капакот и се превртува од другата страна. Повторно поклопете и оставете 5 минути.




Готово е! Веднаш ставете го на поголема рамна чинија и навалете : )









* Фотографиите се авторски. Забрането е преземање на истите без согласност на авоторт.